Славната американска оперска пејачка, сопранот Хелен Донат, стоејќи, заедно со целата публика во салата, со песната „Среќен роденден“ („Happy birthday“) му го честита роденденот на нашиот најпознат пијанист Симон Трпчески на концертот во Операта во Хановер.
Откако ја наградил публиката со два биса по виртуозната изведба на Концертот број 2. за пијано и за оркестар од Рахманинов заедно со Градскиот оркестар на Хановер, под диригентската палка на хрватскиот диригент Иван Репушиќ, публиката во операта му го приредила изненадувањето, потајно организирано од тексашката оперска дива, пишуваат „Факултети“.
– Прекрасно си поминав со Градскиот оркестар на Хановер и мојот драг пријател и прекрасен музичар, диригентот Репушиќ. Ова беше извонредна можност да го прославам мојот роденден. Голема благодарност и до оперската дива Хелен Донат, која ја крена на нозе целата публика во Операта за да ми ја отпеат роденденската честитка. Неверојатно искуство што се случува еднаш во животот. Им благодарам – вели Трпчески.
Тој изведе два двата концерта во германскиот град. Тие се надоврзаа на настапите во Италија, Словенија, Шведска и Холандија. Следна дестинација на нашиот пијано виртуоз од светски глас е Финска, каде што во Лахти на 29 септември ќе настапи со Симфонискиот оркестари ќе го изведе Концертот број 3 за пијано и оркестар на Бела Барток, заедно со скандинавската диригентска ѕвезда Далија Стасевска.
Следниот месец, Трпчески се враќа на престижната сцена на „Концертгебау“ во Амстердам и тоа токму со Концертот број 3 за пијано и оркестар од Рахманинов, во чија изведба две вечери ќе го придружува Холандскиот филхармониски оркестар, по што нашиот пијанист продолжува да концертира во Соединетите Американски Држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.