Книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје годинава го прославува својот јубилеј – 25 години постоење на македонскиот книжевен пазар. Формирана е на 24 август 1991 година во време на голем национален ентузијазам, но и време на големи предизвици.
Уште од самите почетоци тимот на „Матица“ е составен од спој на искуство и младост, правец и идеја која опстојува и денес. Во годините минати, исполнети со многу работа, труд и љубов кон книгата, „Матица“ објави повеќе од три илјади наслови од сите сфери на општественото живеење, со над пет милиони примероци. Меѓу многубројните дела од капитално значење за македонската култура, уметност и историја се издвојуваат делата за македонските манастири, македонските народни носии, македонската резба, народната митологија на македонците, македонската генеза, монографските изданија за Охрид и Скопје, избраните дела од Марко Цепенков, Кирил Пенушлиски, Јован Павловски, Петар Т. Бошковски, Јован Стрезовски, Раде Силјан, Димитар Ќорнаков, Танас Вражиновски, Гане Тодоровски, Блаже Ристовски, Милан Ѓурчинов, Цветан Грозданов, Матеја Матевски, Никола Кљусев, Ташко Георгиевски, Божин Павловски, Ефтим Клетников, Радован Павловски, Иван Чаповски, Паскал Гилевски и др.
Вредно е да се напомене е дека, книгите на македонски јазик, покрај на македонскиот пазар, преку соработката со големите издавачи во светот, достапни се и во книжарниците и библиотеките во Европа, САД и Австралија.
Во рамките на „Матица македонска“ организациски опстојува уште една млада екипа која го основаше и го раководи Клубот Матица – клуб на читатели кој во моментов има повеќе од четириесет илјади членови. Бројните активности, организирани на Булеварот на Книгите, придонесоа читателите да го препознаат како катче во кое го минуваат времето посветено на книгите и пишаниот збор. Со многубројните анкети организирани од Клубот Матица се добива една појасна слика колкав е бројот на читателската публика во Македонија, а радува фактот што од година во година тој број се зголемува и се повеќе млади луѓе книгата ја чувствуваат како своја секојдневна потреба.
Во годините што претстојат, „Матица македонска“ ќе го продолжи својот зацртан пат за промоција на македонскиот збор, слово и книга, темелните вредности на едно современо општество и развој и промоција на млади автори кои ќе ги освојуваат светските книжевни височини. Девизата е да читаме повеќе за нашите зборови да бидат полни со убавина, а од зборовите што ги користиме да создаваме романтични приказни. Секој човек носи роман во себе, а книгата е свет во кој има место за сите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.