Македонскиот ракометен репрезентативец и еден од нашите најголеми таленти Филип Талески оваа сезона се очекува да биде вистинско откровение во Лигата на шампионите и со Металург да се обиде да стигне во следната рунда од најквалитетното натпреварување во Европа. Почетокот ветува дека Филип полека, но сигурно може да прерасне во еден од најдобрите млади играчи во регионот и во Европа, а неговиот талент, кој несомнено е огромен, треба да исплива на површина на Светското првенство во Франција, каде што македонската репрезентација ќе се обиде да го продолжи континуитетот на добрите игри и резултати од минатото.
Подем, изразит талент, големи очекувања во ракометните кругови и нескриена желба за докажување. Дали си свесен дека македонската јавност од тебе очекува да бидеш новиот Кире Лазаров?
Талески: Секако дека не можат да ме заобиколат разговорите во јавноста кои се однесуваат на мене. Тоа, секако, ми годи и на секого би му била убава споредбата со Кире Лазаров. Лично мислам дека сѐ уште сум многу далеку од тој квалитет за да можам да бидам предводник на репрезентацијата. Треба уште многу да работам и да учам за да го достигнам тоа ниво. Продолжувам со напорната работа и се надевам на позитивни резултати.
Каков е амбиентот во Автокоманда и соработката со тренерот и селектор Лино Червар. Те стимулираат ли таа атмосфера и тоа опкружување?
Талески: Огромно е задоволството да се работи со тренер каков што е Лино Червар. Ракометот го има во малиот прст, што се вели. Секогаш знае да те мотивира на различен начин. Од сите играчи извлекува повеќе од што самите сме свесни дека можеме. Знае да нѐ крене во текот на еден меч кога ќе види дека сме паднати, деконцентрирани. Одличен мотиватор. Од него може многу да се научи и сите во екипата сме свесни дека нашиот напредок во кариерата многу зависи од Лино Червар. Млади сме и во секој натпревар влегуваме за да победиме. Тоа е мотив плус за дополнително да се работи и да се напредува.
Во Металург виде неколку играчки гарнитури. Имаш искуство и можеш да направиш споредба. Која генерација имаше најголем потенцијал?
Талески: Секоја генерација што играше во Металург остави свој белег. Во минатото низ клубот поминале големи ракометни ѕвезди. Многу од нив беа и се репрезентативци на Македонија. Ние сега сме млада генерација која полека треба да ги преземе работите во свои раце. Треба многу да се работи за да се достигне нивото на поранешните играчи, се стремиме кон тоа и се надевам дека еден ден, во блиска иднина, нашата генерација ќе биде таа што ќе го преземе приматот на најдобра и за која ќе се зборува долго во иднината.
Кој, освен Червар, оставил најголема трага врз твојот развој како играч и кој најмногу ти помогнал или кого сакаш да копираш?
Талески: Кога дојдов во Металург првин почнав со Александар Јовиќ. Првите попрофесионални обврски и начин на работа ги научив од него. Талентот што го поседувам го виде и Лино Червар, кој многу бргу ме прекомандува во сениорскиот состав. Млад сум и, повторно ќе кажам, сѐ уште учам и можам многу повеќе да напредувам. Јас, како и секој млад играч од Европа, секако дека имам свој идол од сите светски ракометари. За мене комплетен играч на мојата позиција е Чехот Филип Јиха. Ме фасцинира неговата игра, игра фантастично и во нападот и во одбраната. Тој е вистинска атлета. Има многу сила и може да ги издржи сите притисоци во текот на целиот меч. Кога би го достигнал неговиот потенцијал, би кажал дека сум израснат во голем играч.
Не може да се прави споредба со составот во кој беа Мојсо, Станиќ, Вугринец, но има ли квалитет во странците што во моментов играат во Металург?
Талески: Квалитетот што го поседуваа играчите од генерацијата на Мојсовски, Миркуловски, Станиќ, Вугринец и сите останати е несомнено голем. Тие беа една компактна и добра екипа која знаеше како треба да игра во дадени моменти и под притисок. Оваа сезона дел од екипата на Металург се претежно млади играчи кои поседуваат огромен талент. Таков е случајот и со странците, кои лесно се вклопија во тимот и сега сите заедно продолжуваме со макотрпната работа. Желбата за докажување е огромна и тоа овозможува напредок.
Однадвор изгледа дека сте компактна целина, особено со твоите млади соиграчи. Дали тоа функционира така како што нам ни изгледа?
Талески: Многу работиме на воиграноста и целиме да бидеме подобри. Што повеќе и побрзо се запознаеме, тоа ќе биде и подобро, и побрзо ќе дојдат и добрите резултати. Публиката можеби гледа од страна дека ние дејствуваме како една целина на теренот и тоа ни годи. Слободно можам да кажам дека сѐ уште не го чувствуваме тоа на теренот, но тоа значи дека сѐ уште можеме да напредуваме.
Со оглед на најавите на селекторот, очекуваш ли поголема минутажа во репрезентацијата на Светското првенство во Франција?
Талески: Мојата желба, како и на секој млад ракометар, е да настапувам за репрезентацијата на големи натпреварувања. Секако, во јануари посакувам првпат да настапам за Македонија на едно Светско првенство. Се надевам дека само со добри игри во текот на есента ќе ја стекнам довербата од селекторот и ќе бидам повикан за настап. Остануваат уште неколку месеци, многу натпревари за да го зголемам нивото на игра и да можам што поподготвен да го дочекам настапот во Франција.
Имаш ли трема кога си покрај една таква ракометна величина каква што е Кире Лазаров?
Талески: Да бидам искрен, немам никаква трема кога сум на терен со Кире Лазаров. Неговиот пристап кон сите во репрезентацијата, а посебно кон младите играчи, е фантастичен. Големо е моето задоволство да бидам во тим со играч каков што е тој, кој има многу постигнато во својата кариера, како на клупско така и на репрезентативно ниво. Многу ни помага и секогаш се наоѓа покрај нас за да ни даде некој дополнителен совет. Секогаш сака да помогне. Вистински лидер на една екипа.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Филип Талески е објавено во 212. број на неделникот Република, 23.09.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.