Министерството за култура, во три наврати од 2014 година досега откупи 163 уметнички дела од 119 домашни автори, а во третиот конкурс за откуп на уметнички дела, кој беше објавен во мај годинава, избрани се 44 дела од визуелна уметност на 33 автори и шест скулптури од галериски формат од ист број автори.
На конкурсот пристигнале 69 пријави за 178 визуелни уметнички дела и 17 пријави за 29 скулптури, а откупените ги избра стручна комисија во состав: Викторија Васева–Димеска, Муамер Садику, Конча Пирковска и Маја Неделковска-Брзанова.
За сите откупени 69 дела Минситерството за култура платило околу 22 милиони денари.
Се работи за една од стимулативните мерки во Националната стратегија за култура (2013-2017) чија цел е да ги збогати фондовите на националните установи од уметноста, како Музејот на современата уметност и Националната галерија на Македонија, да го поттикне домашното уметничко творештво и да го унапреди статусот на ликовните уметници.
– Меѓу авторите на делата кои се откупени се уметници кои дале исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, уметници кои учествувале на значајни групни изложби или манифестации во земјава и во странство, автори потврдени промотори, иницијатори на одредени појави, движења и стилови во националната уметност, како и дела на млади уметници со истакнат ликовен израз – рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Викторија Васева-Димевска, член на Kомисијата за избор на пријавените дела, истакна дека овој проект покажува дека се има желба, волја и почит за уметноста и уметниците во, како што рече, динамично и турбулентно време.
– Особено ме радува што овојпат имавме можност да ги разгледаме понудите од приватните збирки и галерии кои понудија завиден број квалитетни дела од основоположниците на македонската ликовна уметност и од постарите генерации македонски ликовни творци, со чиј откуп се задоволува дел од потребите на институциите од оваа област – музеите и галериите – рече Васева-Димевска.
Уметникот Антони Мазневски ја поздрави иницијативата на Министерството за култура која се реализира трета година.
– Таа е од огромно значење за секој автор и за уметничкото творештво, особено затоа што сме општество со многу мал пазар за ликовната уметност. Тие дела ќе си добијат репрезентативен јавен простор – рече Мазневски.
Меѓу авторите чии дела се откупени на третиот конкус се: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Аврамов Пандилов, Ристо Лозановски, Миле Корубин, Димитар Кондовски, Драгутин Аврамовски- Гуте, Спасе Куновски, Танас Луловски, Глигор Чемерски, Александар Јанкуловски-Цане, Ана Темкова, Теофил Шулајковски-Тофе, Кирил Гегоски, Ванчо Георѓиев, Жанета Вангели, Благоја Маневски, Александар Станкоски, Милош Коџоман, Никола Иванов-Балтон, Трајче Николовски, Сергеј Андреевски, Решат Амети, Константин Качев, Синиша Кашавелски…, а автори на откупените скулптури од мал формат се: Станко Павлески, Власе Николески, Петар Хаџи-Бошков, Томо Бундовски, Антони Мазневски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Албанскиот театар добива комплетно нов лик – Реконструкцијата завршува до крајот на годинава
-
Министерката за култура се сретна со членовите на мисијата за мониторинг на УНЕСКО
-
Канческа-Милевска: Изнесување постизборна платформа од друга држава е државен удар
-
Канческа-Милевска: Потребни се заеднички ставови кога се работи за државни интереси