| четврток, 6 декември 2018 |

Рајковиќ: Одигравме квалитетен натпревар, но знам дека можеме подобро

rajkovic

Стратегот на МЗТ Скопје, Емил Рајковиќ, со право беше задоволен од изданието на своите избраници на дуелот против Фени индустри. Победата од 33 поени разлика, во која Рајковиќ имаше и можност да им даде заслужен одмор на дел од членовите на стартната петорка на „металците“ беше демонстрација на моќта на домашната сцена, но на Рајковиќ му е јасно дека вистинските предизвици допрва следат, како во АБА-лигата, така и во Еврокупот.

– Заслужено победивме, одигравме квалитетен натпревар во кој имав можност да ги видам на дело речиси сите кошаркари. Немавме премногу време за заеднички тренинзи и токму поради тоа морам да бидам задоволен, пред се од залагањето во одбраната, која ни функционираше одлично. На физички план сме многу блиску до 100%, но кога станува збор за тактичката подготвеност знам дека можеме многу подобро. Секој нов тренинг се повеќе напредуваме, играчите се навикнуваат еден на друг и очекувам формата да ни се движи во нагорна линија – изјави Рајковиќ по денешната победа.

Триумфот за жал беше платен со повредата на Ѓорѓе Дреновац, кој се пожали на болка во мускулот во првото полувреме и потоа не се врати на теренот.

– Утре наутро Дреновац ќе замине на детални прегледи, по што ќе биде јасно за каква повреда станува збор. Се надевам дека не е ништо сериозно бидејќи станува збор за значаен играч во нашата ротација – истакна тренерот на „металците“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top