| четврток, 6 декември 2018 |

ФИБА објави, Македонија ќе игра претквалификации за СП 2019

makedonija-kosarka

Македонската кошаркарска репрезентација по неуспехот во квалификациите за Евробаскет 2017 нема да се пресели во Б дивизијата, туку преку претквалификации ќе се обиде да обезбеди опстанок во елитата, што воедно би значел и учество на „црвено-жолтите“ во квалификациите за претстојното Светско Првенство што ќе се одржи во 2019 година. По бројните шпекулации на оваа тема денеска конечно со свое соопштение се јави Светската Кошаркарска Федерација ФИБА, обелоденувајќи дека во август следната година ќе организира претквалификации за оние селекции кои не обезбедија учество на претстојното Европско Првенство.

„Оние 16 национални тимови кои не се пласираа на Евробаскет 2017 ќе имаат право да учествуваат во претквалификациската рунда што ќе се одржи следното лето. Осум селекции потоа ќе се пласираат во А дивизијата за квалификациите на ФИБА Светското Првенство во 2019 година“ – се вели во информацијата на ФИБА, дополнувајќи дека тие квалификации ќе се одржат во периодот од 2 до 19 август, а осумте најдобри селекции исто така ќе учествуваат и во квалификациите за Евробаскет 2021.

fiba

Иако падот е и повеќе од очигледен, ова во секој случај е добра вест за нашиот национален тим бидејќи шансите за опстанок во А дивизијата се сосема реални.

Македонија за противници во овие претквалификации ќе има селекции како Швајцарија, Кипар, Холандија, Австрија, Данска, БиХ, Шведска, Естонија, Белорусија, Португалија, Бугарија, Косово, Словачка, Албанија и Луксембург. Дел од ривалите во ова „друштво“ воопшто не се наивни, но во ситуација кога половина од овие 16 селекции ќе опстанат во елитното друштво јасно е дека шансите на нашиот национален тим воопшто не се мали.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top