| четврток, 6 декември 2018 |

Инвестицијата во спортот е инвестиција во здравјето и во иднината на државата

Инвестицијата во спортот е инвестиција во младите, во јакнењето на спортскиот дух, во здравиот живот, инвестиција во иднината на една држава, во промоција на државата, но и во достоинството и колективната радост, особено во моментите кога се постигнуваат значајни резултати, кога се преставува државата. Вложувањето во спортот е една од суштинските определби на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на промоцијата на мерките од областа на спортот.

За да има развој на спортот клучни се две компоненти – постоењето, или изградба и одржување на спортската инфраструктура и поддршката на развојот на спортските таленти, клубовите, федерациите, спортските школи и академии, меѓународни настапи, поддршка на врвните спортисти  и нивно негување и растење.

Во овие овие дваесетина години започнати и изградени спортски објекти се само оние во мандатите на владите на ВМРО-ДПМНЕ. Во сите преостанати години има колективна стагнација и континуирано уназадување, распаѓање и ограбување и на онаа инфраструктура која од минатото постоела, бидејќи и онаа малку што постоеше беше запуштено и не се вложуваше, или се даваше под концесии на лица со сомнителни спортски мотиви.

Фактите говорат дека во последните десет години се инвестираа над 100 милиони евра во спортска инфраструктура. Во околу 300 спортски капацитети од различен карактер, како што се 94 спортски сали на Агенцијата за млади и спорт и на Министерството за образование кои до крајот на годинава ќе надминат 100 нови спортски сали, 50-те фудбалски игралишта за голем фудбал, 83-те досега завршени спортски тениски терени, 64-те завршени повеќенаменски игралишта, 5-те големи спортски игралишта, вештачката карпа за аплинизам, 5-те фитнес зони кои досега се изградени од планираните и неодамна најавени 20, дооформувањето и изградбата на спортската арена „Филип Втори Македонски“, спортскиот центар „Борис Трајковски“ со сите пропратни содржини, како и многу други нови проекти кои во моментов се градат според утврдената и ветена динамика, како на пример остатокот од планираните сали, мултифункционални и тениски игралишта, започнатиот базен во Охрид и повеќе други, но  и оние кои допрва планираме да ги започнеме, како 150-те баскет игралишта, салата за професионална гимнастика, затворената сала за тенис, салите за боречки спортови, отворени базени итн., потенцира Груевски.

Тој потсети дека се повратени и обновени училишните лиги во повеќе спортови и секое училиште се обврза со закон да формира повеќе училишни спортски клубови кои треба да се активни.

Зад нас се 10 години на интензивна градба во спортска инфраструктура како никогаш во историјата на земјата, и тој тренд ќе продолжи во следните 4 години, како во делот на рекреативен, така и во делот на професионален или врвен спорт.

Основните предуслови на постоење на задоволителна инфраструктура се исполнети и тие во следните 4 години ќе продолжат да се надградуваат. Она што се чини недостасува и што обично низ повеќето држави го пополнуваат приватните компании е инвестирањето во клубовите, федерациите, и се што е врвен спорт и спортисти.

Во тој поглед, во Македонија е сторено многу. Владата изготви програма која овозможи инвестирање во отворањето и развојот на спортска академија и стипендирање 500 млади спортски таленти секоја година. Од друга страна, АМС обезбдува финансиска поддршка на федерациите, со претпоставка дека тие ќе обезбедат и други средства од приватниот сектор, како и во поголемиот дел држави.

Сепак, се покажа дека приватниот сектор во Македонија не го следеше трендот  на инвестирање во спортот како низ другите европски држави, па дури и држави од регионот. Од овие причини ние си зацртавме, од како веќе се изгради толку многу спортска инфраструктура, наша наредна голема активност да биде преку различни активности и мерки, давање поддршката и ветер во грб на спортистите и спортските федерации, што веруваме ќе донесе поголем успех. Спортските резултати ќе помогнат во градењето на успешни личности кои ќе бидат пример за многу млади кои ќе посакаат да спортуваат, ќе потикне помасовно занимавање со спортот и ползување на суштинските придобивки кои тој ги овозможува. 

Нам ни се потребни позабележителни резултати во спортот. Токму затоа се одлучивме за неколку системски решенија и проекти кои ќе значат огромна поддршка на спортот, рече Груевски и нагласи дека оваа владејачка гарнитура е отворена за сугестии и корекции доколку пристигнат добри аргументи.

Првата мерка предвидува приредувачите на игри на среќа во обложувалниците на месечна основа да одвојуваат 3 проценти од добивката, а приредувачите на игри на среќа во автомат клуб да одвојуваат 1,5 проценти од добивката за финансирање на спортски федерации чии диспциплини се олимписки, како и за Македонскиот олимписки комитет.

Со втората мерка се предвидува компаниите коишто ќе финансираат спортски клубови, федерации и спортисти да бидат ослободени од дел од данокот на добивка.

Третата мерка предвидува директно буџетско финансирање на спортови кои немаат своја лига. За оваа цел ќе бидат одвојувани до 700 илјади евра годишно. Првиот спорт кој ќе биде поддржан е боксот, а се размислува каратето за мажи и жени да биде вториот спорт којшто ќе биде поддржан.

Со последната мерка се очекува да бидат ангажирани врвни спортски тренери од странство во спортските академии кои ќе помогнат во градењето на новите фудбалери, кошаркари, ракометари, тенисери.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top