Само три кола беа доволни за да дојде до првата тренерска смена во Бундес-лигата. Сосема очекувано, таа се случува во тимот на Вердер, каде Виктор Скрипник оправдано заработи отказ по очајниот старт на сезоната и падот на последната позиција на табелата.
Скрипник се најде под притисок по стартните два порази, надополнети со елиминацијата од Купот на Германија од нисколигашот Лоте, а откако Вердер прими четири гола само во првото полувреме од вчерашниот дуел со Борусија Менхенгладбах стана јасно дека деновите на овој стручњак во Бремен се избројани.
Утрово беше официјализирана информацијата дека Скрипник го напушта клубот заедно со своите двајца помошници, Флоријан Кофелт и Торстен Фрингс, а како привремен тренер е именуван Александер Нури, кој досега беше задолжен за работа со тимот за играчи до 23 години на Вердер. Нури би требало да го води Вердер на следните две средби, против Мајнц и Волфсбург, по што ќе биде донесена одлука дали тој да остане на чело на екипата или да биде ангажиран нов стратег.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.