| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија е активно вклучена во управувањето на бегалската криза

 

 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска во обраќањето на Европската конференција на претседатели на парламенти нагласи дека миграцијата не е нешто ново за светот и за Европа, но дека актуелната мигрантско-бегалска криза претставува феномен незабележан во поновата светска историја, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Првиот дел од оваа конференција е посветен на миграциите и кризата со бегалците во Европа со улогата на парламентите.

– Мојата држава, Република Македонија навистина не е крајна цел на овие миграциски бранови, но затоа е дел од западно-балканската рута по која поминуваат бегалците, а која започнува од Турција, па потоа Грција, поминува низ Македонија, Србија и преку Унгарија доаѓа до Европската Унија, рече Вељаноски.

Тој притоа пред претседателите на националните парламенти ги изнесе податоците на македонските надлежни институции, според кои во последните 16 месеци низ Македонија транзитирале повеќе од 900 илјади бегалци.

– Сето ова за Република Македонија која има два милиона жители и ограничени материјални и човечки ресурси е навистина голем предизвик од повеќе аспекти, додаде Вељаноски.

Прво, рече тој, како да се обезбедат минимум достоинствени услови овие луѓе да ја поминат Македонија, односно од јужната граница со соседна Грција до северната граница со соседна Србија.

– Бидејќи на почетокот од оваа мигрантско-бегалска криза нашето законодавство не дозволуваше слободно поминување низ територијата на државата, што беше повод овие луѓе да бидат жртви на организирани криминални банди, како Парламент по итна постапка го сменивме Законот за азил, со што овозможивме преку активна регистрација секој бегалец да добие соодветен статус за да може легално, користејќи средства на јавниот превоз, да ја помине државата. Понатаму, со помош на надлежните институции, пред сé Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Црвениот Крст, но и со огромен ангажман на невладиниот сектор и личната солидарност на нашите граѓани собрани се многу средства за лична хигиена, храна, вода, облека и медицинска заштита со што на овие луѓе барем малку им е вратено она достоинство кое треба да го ужива секој човек, рече во обраќањето Вељаноски.

Побара справувањето со кризата со бегалците и мигрантите да биде на ниво на Европа со максимална соработка меѓу сите држави, односно соработка помеѓу надлежните институции.

– На почетокот од мигрантско-бегалската криза кај нас се чувствуваше недостиг на кооперативност од страна на нашиот јужен сосед, но тоа е надминато бидејќи на сите ни е јасно дека тоа е наш заеднички интерес, нагласи Вељаноски.

Во насока на соработката на пограничното управување и побараната поддршка поврзана со безбедносните аспекти на мигрантската криза, како што кажа, неколку партнерски земји одговорија со распоредување полицајци, опрема за погранична заштита, како и финансии. Ги спомена Унгарија, Хрватска, Србија, Словенија, Чешка, Словачка, Австрија и Полска.

– Денес на нашата јужна и северна граница присутни се мешовити полициски патроли. Резултатите од зајакнатото присуство и активен ангажман на македонските безбедносни сили, но и на мешовитите полициски патроли се видливи. Во периодот јануари – септември 2016 година беа пресретнати над 30.000 обиди за илегален премин на нашата јужна граница. Во август 2016 година, беа спроведени вкупно 588 гранични патроли заедно со офицерите од Австрија, Хрватска, Србија, Словенија, Словачка и Унгарија. Секако, соработката за погранично управување продолжува, додаде тој.

Претседателот на Собранието Вељаноски на крајот од обраќањето нагласи дека Република Македонија активно учествува и во креирањето на документите и резолуциите кои се донесуваат во Парламентарното Собрание на Советот на Европа, а се однесуваат на мигрантско-бегалската криза, но и дека активно работи на нивно спроведување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top