| четврток, 6 декември 2018 |

Објавени СМС пораки меѓу ИД и терористите во Германија

Весникот „Зидојче цајтунг“ објави серија кратки пораки меѓу припадник на групата Исламска држава (ИД) и двајца извршители на терористичките напади во Германија.

Весникот открива дека двајцата извршители на јулските напади во Германија комуницирале со ИД пред нападите. На Мохамед Далеел, кој постави експлозивна направа пред музичкиот фестивал во градот Ансбах, припадникот на ИД кусо време пред нападот му рекол да „верува во Бога“. На 17-годишниот Риаз Кан Ахмадзаи, кој со секира во воз во близина на градот Вурцбург повреди пет луѓе, членови на ИД му ветиле дека ќе „замине во рајот“.

Според весникот, пришадниците на ИД го охрабрувале Ахмадзаи во нападот да користи возило за да предизвика поголеми човечки жртви. Сугестијата била одбиена затоа што напаѓачот не знаел да вози. На неколку минути пред нападот, Ахмадзаи пратил порака дека започнува по што добил одговор дека „сега ќе влезе во рајот“.

Припадниците на ИД на Далеел му наредиле да ги убие сите на музичкиот фестивал, а откако виделе дека тој се премислува поради присуство на полицијата, му наредиле да најде ресторан по што му порачале да верува во Господ. Во нападот во Ансбах загина едно лице, а 15 беа повредени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top