Стратегот на Тотенхем, Маурицио Покетино, не го криеше разочарувањето од настапот на своите избраници при поразот на домашен терен од Монако со 1-2. „Спарси“ одиграа далеку под своите можности, а аргентинскиот стручњак беше бесен на нивното издание, истакнувајќи дека доколку тоа му го дозволувале правилата, уште на полувреме ќе ги заменел сите фудбалери.
– Најлесно е сега да се каже дека игравме на нов стадион на кој не сме навикнати, но тоа нема да биде вистина. Мораме да работиме, да покажеме глад за победа, да создадеме слика на успешен клуб. Минатата сезона главна одлика ни беше борбеноста, не разбирам зошто сега ни недостигаше токму тоа. Нормално дека бев бесен, да беше кошаркарски меч ќе ги заменев сите играчи бидејќи никој од нив не заслужи да истрча на теренот во второто полувреме. Головите што ги примивме беа премногу наивни, тоа е недозволиво за тим од Премиерлигата што настапува во Лигата на шампионите – изјави Покетино.
„Спарси“ со овој пораз сериозно си ја искомпликуваа состојбата во битката за првите две места, иако се наоѓаат во една од најлесните групи во ЛШ, заедно со Монако, Баер Леверкузен и со ЦСКА Москва.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.