| четврток, 6 декември 2018 |

Јелена Жугиќ – лауреат на 8. Интернационален театарски фестивал Св. Јоаким Oсоговски

Познатата македонска актерка и директор на „Тетар комедија“ Јелена Жугиќ е лауреат на Осмиот Меѓународен театарски фeстивал Свети Јоаким Oсоговски во Крива Паланка.

Таа го доби годинашното признание за особен придонес во македонската театарска уметност и култура.
За животот и делото на Жугиќ говореше Лилјана Мазева, тетарски критичар, публицист и новинар која својот осврт за 23-годишното театрско плодотворно работење на лауреатот го прзентираше во вид на писмо кое од сцената беше испратено до Жугиќ.
– Ти си искрен театарски човек, културен работник, менаџер и директор на театар, дополнително со општествен и политички ангажман, а сето тоа го работиш и завршуваш мошне посветено, како и се друго. Како стигнуваш се, би те запрашала, да бидеш одлична актерка на пробите, кога се создава нова претстава, одлична актерка во претстави што се на репертоарот, одлично го водиш театарот „Комедија“ кој почна пред речиси 4 години, а ти го одбра најтешкиот жанр, комедијата, кој го работи млада екипа која постојано созрева? Но, ти точно знаеше што создаваш, она што и недостасува на Македонија, фабрика за смеа, рече Мазева.
Таа додаде дека Јелена Жугиќ е актерка која го сака театарот и театарот ја сака неа, а ова е работа која ја работи, нагласи, со огромна љубов и посветеност и успева да го реализира својот сон, да го развива театарот овозможувајќи таа љубов да трае низ децениите.
– Од твојата посветеност и екипата која толку внимателно ја одбра и создаде, успеа да го вгездиш во срцата на публиката театар Комедија, па токму поради тоа публиката го сака овој тетар и се навраќа по неколку пати да погледне иста претстава, се чека ред на билетарата и се распродаваат и неколку недели однапред претставите, заврши Мазева.
Жугиќ заблагодарувајќи се на признанието рече дека не е едноставно да си уметник, никаде во светот, особено во Македонија, но е голем предизвик да се издржи на патот кој сме го зацртале.
– Ова за мене е голем мотив и доаѓа во вистинско време , бидејќи во ова време-невреме човек умее и да го изгуби мотивот и да се запраша што прави, живото минува,а ние како да стоиме во место и наместо напред, одиме назад. Благодарам од срце, во вистинско време, се надевам во вистински раце, за да продолжам со исто темпо, за уметноста и театарот, изјави Жугиќ.
Театрот, рече, како и спортот, се амбасадори на една држава и се најблагословените професии, сообено актерството , кое овозможува да се биде различен секоја вечер , да се остави дел од „џигерот“ , што според неа, публиката го распознава и ги доделува признанијата.
На сцената беше прикажан и краток филм посветен на врвните театарски, телевизиски и филмски остварувања на Жугиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top