| четврток, 6 декември 2018 |

„Шумата на моето дрво“ на театарски фестивал во Сеул

Екипа на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и независната театарска компанија „Северно од Импакт“ вчера замина во Сеул, Јужна Кореја каде ќе настапи на Интернационалниот театарски фестивал „Бомб“ со претставата „Шумата на моето дрво“. Претствата ќе има три изведби на фестивалот на 6, 7 и 8 октомври.

„Шумата на моето дрво“ е продукција на независната театарска компанија „Северно од Импакт“, во копродукција со Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, на чијашто сцена се одржа премиерата на 27 април годинава. Режијата е на Александар Ивановски, текстот на Сашо Димоски, дизајнот на звук на Сашко Костов, а во претставата настапуваат актерот Васил Зафирчев и музичарот Сашко Костов.

– Изведбата на претставата во Сеул е важна не само за велешкиот, туку и за македонскиот театар, бидејќи ова е прво претставување на македонска театарска продукција во Јужна Кореја, рече режисерот Ивановски.

Тој појасни дека претставата е создадена од звуци, зборови и пулсирачки мускули и отвора поглед кон еден нестабилен свет. – Таа е ноќна одисеја низ стомакот на една шума која умира, на еден човек што се обидува да најде смисол во својот живот и во својот статус како туѓинец, посочи Ивановски.

Ова е второ фестивалско претставување на претставата во странство, после настапот на Интернационалниот театарски фестивал „Бабел“ во Трговиште во Романија во јуни годинава, кадешто претставата ја освои наградата за најдобра претстава на мала сцена.

Претставата на 1 октомври беше изведена и во официјалната програма на Интернационалниот театарски фестивал „Млад отворен театар“ во Младинскиот културен Центар во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top