Претставата „Догвил“ која ќе се одржи вечерва во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 20 часот го најавува 41. Млад отоврен театар (МОТ) кој годинава ќе се одржи од 21 до 27 септември. „Догвил“ е во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на “Миксер хаус” од Белград.
Претходно во 19 часот ќе има и изложба на на фотографии со театарска тематика на познатиот македонски фотограф Љупчо Илиевски направени во периодот од 1984 до 1996 од изданијата и репертоарите на МОТ.
Претставата е театарска адаптација на истоимениот филм на Ларс фон Трир. Играат Бранислав Трифуновиќ, Милица Мајсторовиќ и Милица Јаневски, а музиката за претставата во живо ја изведува „Врум”.
Претставата ја следи приказната на Грејс која, бегајќи од гангстери, наоѓа засолниште во навидум идиличниот град наречен Догвил. Исфрустрираноста, малограѓанштината и агресија на жителите на оваа идеализирана заедница бргу ќе излезат на виделина и Грејс ќе стане жртва на оние на кои таа сакаше да им помогне и во чија хуманоста и добрината веруваше.
Билетите за претставата се распродадени.
Режисерот на претставата Кокан Младеновиќ, истакна дека нивниот „Догвил“ е замислен како платформа во која се изнесени исфрустрираноста, омразата, агресијата и нетолеранцијата на различните мислење, верувања, како и сексуалната ориентација.
– Се радуваме бидејќи сме во Скопје. За нас ова е крај на таканаречената „југословенска турнеја“, бидејќи гостувавме во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора. За една и пол година имавме 60 изведби и освоивме пет награди. Претставата ја правевме според филмот, но пред се како жестока пресметка со девијациите кои се случуваат во Србија, во политичкиот и општествен живот – изјави режисерот Младеновиќ.
МОТ и оваа година е во организација на Младински културен центар, а под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура на Република Македонија.
Во периодот од 21 септември, кога е и официјалното отворање на фестивалот, па до 27 септември, на репертоарот на фестивалот имаме четиринаесет продукции од Романија, Унгарија, Србија, Словенија, Хрватска, Косово, а гостува и еден од најреномираните европски театри, театарот од Види Лозана од Швајцарија.
За истакнување е гостувањето на германскиот режисер Томас Остермаер, кој гостува со претставата „Галеб“ на Антон Чехов.
МОТ оваа година учествува и во светската прослава на 100 години од смртта на Вилијам Шекспир, со ревијата бесплатни играни филмови снимени по драми на Шекспир. Публиката на закажаните проекции во Џебното кино во МКЦ ќе има можност да ги погледне легендарните наслови како „Хамлет“ на сер Лоренс Оливие, „Кралот Лир“ на Питер Брук и мноштво други.
– Се надевам дека оваа година ќе има турканици за МОТ како што имаше во времето на сега веќе почесниот претседател на Фестивалот Љубиша Никодиновски Биш, во осумдесетите години. Во последните неколку години успеавме да го воздигнеме МОТ во последните неколку години – изјави Златко Стевковски, директор на МКЦ.
Во рамките на фестивалот како дополнителна програма, ќе се одржи и промоција на книгата „Рапсодија на театарот“ во издание на МОТ и МКЦ од францускиот филозоф, драматург и професор Алан Бадју.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.