| четврток, 6 декември 2018 |

Поранешниот словачки претседател Рудолф Шустер избран за почесен доктор на науки на битолскиот универзитет

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ со свечена академска церемонија во Градската библиотека вчера во Битола го избра поранешниот претседател на Република Словачка Рудолф Шустер за почесен доктор на науки.

Во својата поздравна реч Шустер потврди дека мотивирано ќе ја интезивира соработка на битолскиот универзитет со универзитетите во Кошице и ќе помогне да се исправи историската неправда кон Македонија што сè уште не е членка на Европската унија.

Го ценам чекорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола што реши да ми ја доделат титулата почесен доктор на науки. За мене Битола е многу значајно историско место и во наредниот период ќе ја интезивираме соработката со универзитетскиот град Кошице. Македонија е мала, но убава земја. Македонија и Словачка се мали држави и им е многу потешко наспроти големите држави, кои ни диктираат и ни кажуваат што да правиме. Ќе останам траен поддржувач на Македонија во нејзиниот пат кон Европската унија. Македонија  има богата историја со многу значајни личности што многу и дале на Европа и затоа сметам дека историската неправда ќе се исправи и ќе помогнеме во текот на претседателствувањето на Словачка со Советот на Европа да ја збогатиме соработката меѓу двете држави – нагласи Шустер.

rektorat-5-1024x576

Според ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, професор Сашо Коруновски, поранешниот словачки претседател во иднина ќе биде амбасадор и промотор на универзитетот но и на државата во евроинтеграциските процеси.

Исклучителното богатото искуство и творештво на Шустер, водени од податокот дека станува збор за човек кој целиот свој живот неуморно работел на многу полиња каде притоа оставил трага во поновата историја беа само дел од мотивите за да му ја доделиме титулата почесен доктор на науки на УКЛО Битола – истакна ректорот Сашо Коруновски.

На чинот на промоцијата за професионално-творечкиот пат на Рудолф Шустер зборуваше и претседателот на рецензентската комисија, професорот Јордан Плевнеш. Тој истакна дека Шустер  е значајно име како во словачката политичка историја така и во делот на книжевноста, публицистиката и документарната литература.

rudolf-suster-700x394

Иницијативата за доделување титула почесен доктор на науки  на Рудолф Шустер е иницирана и силно поддржана од словачкиот амбасадор Мартин Бежак, кој исто така присуствуваше на настанот.

За ректорот на ЕФТА, проф. д-р Јордан Плевнеш, доделувањето на признанието почесен доктор на науки на Рудолф Шустер има три димензии.

Доделувањето на признанието почесен доктор на науки на Рудолф Шустер има три димензии, првата е државничка, втората е поврзана со високообразовните вреднувања во Македонија со што европскиот духовен трезор е вреднуван од Универзитетот „Св. Климент  Охридски“-Битола на едно светско ниво, и третата димензија е естетичка димензија на духовната посветеност на Шустер на уметноста со сите негови истражувања – истакна промоторот Јордан Плевнеш на денешната свеченост во Битола.

Со најновата промоција УКЛО ја продолжува заложба за обезбедување меѓународна видливост на Универзитетот преку бројни активности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top