| четврток, 6 декември 2018 |

Љупчо Тодоровски горд на повеќе од 420 акции и на „Планинска бура“ заминува во професорски води

Не можам да одвојам една полициска акција со која се гордеам особено, но можеби би ја споменал „Планинска бура“ – голема акција во која постоеше можност за поголемо дестабилизирање на безбедноста на Македонија. Kако директор на јавна безбедност сум бил инволвиран и иницијатор за сите оперативни обработки, вели во интервју за „Дневник“ Љупчо Тодоровски, досегашен директор на Бирото за јавна безбедност, кој завчера и официјално потврди дека заминува во пензија.

Тодоровски вели дека во времето кога тој управувал со Бирото за јавна безбедност МВР има реализирано нешто повеќе од 420 оперативно-криминалистички обработки од повеќе сфери на полициското работење: од стопанскиот криминал, од финансовиот, корупцијата, недозволената трговија со дрога, оружје, крвните деликти, имотните и други деликти, тероризам. Меѓу нив се и меѓународните акции за разбивање криминални мрежи за шверц на дрога, како операциите „Босфор“ и „Диригент“, која деновиве имаше свое продолжение.

– Тежнееме да ја искорениме Франкфуртската мафија кај нас и затоа тоа го работиме заедно со Австријците. Апелирам до родителите да внимаваат на своите деца иако знам дека тоа е тешко, да не ги праќаат да работат во Австрија и во Германија, ако не знаат точно во која фирма ќе работат и на какво работно место. Ги повикувам младите да бидат свесни – вели Тодоровски.

На директорското место во Бирото доаѓа неговиот близок соработник, директорот на Централните полициски служби, Митко Чавков, за кого Тодоровски вели дека е добар оперативец и од кој очекува резултати. По повлекувањето од Бирото, Тодоровски вели дека сака да продолжи да се занимава со научна дејност, па поради тоа очекува да се префрли на некои од факултетите каде што на младите студенти ќе им го пренесе неговото искуство и знаење од областа на криминалистиката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top