| четврток, 6 декември 2018 |

Македонскиот народ во св. Климентовото време

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Сеуште опстојуваат спротивставени гледања околу тоа дали св. Климентовите придонеси да се прифатат како пансловенски или како изказ и на автентичноста на македонскиот народ. А дилемата е поврзана со одговорот дали, во тоа време, се создава македонскиот народ.

Во мисијата на св. Климент и седмочислените Кирилови следбеници за ширење на христијанството, секако, влијанието врз културата се извршува во целиот словенски свет. Но, св. Климент ја создава Величката епископија, како прва организирана црква, на овие простори, откога е извршен нивниот прогон од Панонија. И тука ја создава Кириловата азбука, богатата книжевност врз народниот јазик на подрачјето, што, дури потоа, како културни творби,се шират во целиот словенски свет.

Теоретските сознанија ни укажуваат дека новите народи се создаваат во периодот на ренесансата, кога старите народи, создадени во робовладетелството, не постојат повеќе. Иако оставиле длабоки траги.

Ренесансата на нашите простори е настаната многу рано затоа и процесот на создавањето на македонскиот народ  отпочнал во св. Климентовото време. Познато е дека ренесансните идеи се препознаваат во фреското сликарство. Се внесуваат овоземните, човечки, особини, каква што е чувственоста, тагата, оплакувањето. Во 11 век тоа го покажува чувената фреска „Оплакувањето на Христа“, во цртвата св. Пантелејмон, во Горно Нерези. Св. Климентовиот универзитет, во 9 и 10 век, со идеата, покрај духовното да внесе светлина, застапувајќи ги научните дисциплини, книжевноста, просветата, ги пројавува ренесансните идеи . Во таа насока се создава Кириловата азбука; се воведува народниот јазик во црковното служење и според него се вршат преводи и се создаваат творби во црковната литература.

Јазикот е  создаван според бројните антрополошки моменти на народот и, таков, го обележува св. Климентовото творештво. Кое се шири меѓу словенските народи, така што многу македонски зборови постојат во словенечкиот како и во другите словенски јазици.

Раните почетоци на македонскиот јазик и Крсте Мисирков ги наведува за да укаже дека развојот на македонскиот народ, во еден подолг временски период, поради специфични историски околности, е успорен. Така што, во средниот век, македонскиот народ својата афтентичност продолжил да ја создава преку богатото народно творештво: обичаите и фолклорот, додека, во меѓувреме, другите словенски народи ја развивале пишаната литература и литературниот јазик. Нешто што македонскиот народ мора, набрзина, да го стори, вели Крсте Мисирков, предлагајќи ги централните говори за основа на литературниот јазик.

Во претходните теоретски ориентации кои ја застапуваа тезата дека прашањата на нацијата се разрешени, со што се негира опстојувањето на народот  како природна заедница, како нешто надминато. Светот се претпоставува само според нациите и политичко живеење а нацијата како политичката заедница која е конципирана според дадениот политички систем и тоа сфатен во својата конечна верзија. Сталиновата теорија предвидува и исчезнување на малите нации поради што тој ги воведува регионалните јазици. Рускиот во социјалистичкиот блок и српско-хрватскиот во југословенската држава.

Од друга страна, влијанието постои и поради западната политичка практика востановена со настанувањето на нациите според  правно-политички и идејни форми произлезени од структурата на капиталистичкото општество, од 17 – 19 век.

Забуна е настаната, што за народите, иако настануваат во ренесансата, во латинскиот јазик кој бил во употреба, не постои термин. Внесен единствениот термин нација. А означувањето на народот со терминот нација сосема не соответствувал бидејќи во тоа време таква не била создадена.

Денес, меѓутоа ЕУ се трансформира во заедница на народите и го отфрли, како неприфатлив, концептот за европски идентитет, вложувајќи заложби да се сочува различноста на културата, јазиците и друго. Што како опасност постои и во процесот на глобализацијата.

Развојот на народот, оттаму, е во неговата афтентичност.Иако тоа, можеби, како и она личното, е најтешко да се оствари, како што ќе рече големиот поет Холдерлинг. „Имаме богат и убав јазик каков што многу народи би посакале“, ќе рече Круме Кепески. Јазикот од св. Кирил и Методиј, Климент и Наум, негуван и развиван во македонскиот народ.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top