Поранешен наркозависник, кој успеал да се излекува од порокот кој му го уништил животот, спасот го нашол во Бигорскиот манастир.
Неговото сведоштво го објавува порталот „Религија.мк“, од каде што интегрално ги пренесуваме неговите зборови, каде што раскажува за сите предизвици, трауми и искушенија со кои се соочил во текот на животот.
Имам 30 години и живеам во Скопје. Роден сум во прекрасно семејство, каде се живееше во љубов и хармонија и, иако ја загубив мајка ми на 12 години, во животот ми беше давана огромна љубов од мојот татко, баба ми и постарите брат и сестра. Сите тие луѓе беспрекорно се грижеа за мене. Секој пат ми даваа нови шанси, а јас ги повторував истите грешки. Направив многу повеќе грешки одошто сите мислат, а најтрагично е тоа што некои од нив не сум ни ги гледал како такви, сè додека не дојдов во Бигорски.
Во манастирот сум пола година и имав доволно време да размислам и да ги согледам сите пропусти во животот. Седејќи тука, заклучив дека најголема пропуст ми беше тоа што Го исфрлив Бог од мојот живот. Можеби ќе ви делува како да сум се мрднал од умот, но сè ова што го кажувам се вистинити настани од мојот живот.
Уште од дете копнеев да бидам посебен и поразличен, па се обидував тоа да го направам на најразлични начини. Од Запад, по сите медиуми се пласираше тој развратен живот, за кој дури сега сфаќам дека е погрешен; на еден начин како гревот да беше легализиран. Се рекламираше: секс, дрога, алкохол, цигари, бунтовност, некоја глупава филозофија: „живеј брзо, умри млад“, а мене сето тоа бескрајно ме привлекуваше и ми делуваше сосема „кул“.
Како растев, сè повеќе и повеќе се фасцинирав од тој начин на живот и го прифатив многу лесно, мислејќи дека тоа е вистинскиот начин да се ужива во животот. Времето минуваше, а некако работите почнаа и да не бидат толку сјајни како на почетокот. Сè повеќе ги снемуваше забавните моменти, а јас сè повеќе станував роб на страста кон дрогата. Започнав сè друго да ставам во втор план, дури и работите што најмногу ги сакав. Почнав да ја губам чувствителноста што ја имав како дете, станував егоистичен, рамнодушен, себичен, и мислев дека сите тие особини ми се доблест. На моменти ќе се замислев, ќе ми паднеше тешко и ќе се запрашав: „Што правиш, човече? Гледаш дека ја изгуби контролата над животот!“ Но, тоа беше кратко. Дрогата царуваше над мојот живот.
Многупати собирав сила да ја победам зависноста, некојпат заради себе, а многу пати заради најблиските, бидејќи очигледно беше нивното страдање. Делумно ќе ја победев, ќе застанев на нозе, ќе положев некој испит, ќе фатев девојка, ќе отпатував некаде, и повторно, полека, полека, без да забележам, ќе потонев подлабоко одошто претходно сум бил.
Од втората половина на 2015 и почетокот на 2016 година чувствував огромна внатрешна празнина и некое тапо чувство во градите, кое никако не исчезнуваше. Едноставно ништо повеќе не ме правеше среќен. Сето тоа делумно го пригушував со дрога и алкохол и секојпат кога ќе ми се укажеше шанса – со девојки.
Пресврт во мојот живот се случи кога на мојот татко му ја украдов кредитната картичка, со мисла дека ќе земам пари само еднаш за да купам друга, а додека тој забележи – јас да ги вратам. Малку по малку, влегов во една безизлезна ситуација и, размислувајќи што да правам, се решив да ги избегнам сите тие расправии дома, доаѓајќи во единственото место каде што никој не би ме осудил и би ме примиле таков како што бев. Тоа место беше Бигорскиот Манастир „Св. Јован Крстител“.
Без да знам нешто за ова место, дојдов во хаотична душевна состојба и без некоја голема надеж дека ќе се променам. Проблемот со пороците беше ништо, во споредба со мојата лоша психичка состојба. Само што дојдов, видов дека нема ништо од сето она во кое јас уживав. Сепак, се појавуваше некоја мала надеж во мене, која потајно ми кажуваше дека ќе успеам. Можеби беше себично од моја страна, но решив сосема да заборавам на целиот тој хаос што го имав оставено зад себе и да почнам да работам на себеси.
На почеток имав одбивност кон Христијанството; и покрај тоа што татко ми цел живот ме убедуваше во спротивното, јас сепак го гледав како нешто за прости и неедуцирани луѓе. Како одминуваа првите денови, почнав да го чувствувам мирот што владееше насекаде во манастирот, а и кај монасите започнав да забележувам некои работи. Имаа толку многу љубов и разбирање, што ги немав сретнато на ниедно место каде што сум бил. Почнав да се запрашувам што е тоа што ги држи одвоени од целиот свет. Тоа беа најразлични луѓе, со најразлични карактери, но сите имаа ист сјај во очите, низ кои како да се гледаше чистота на нивната душа. Беа вистинска мистерија за мене. Како почнаа Великите Пости со тримирот (тридневно целосно воздржание од јадење и пиење), иако бев сè уште во апстиненцијални кризи, решив да бидам храбар и да правам сè што прават монасите. Не беше воопшто лесно, и покрај тоа што давав сè од себе. Не можев да постигнам ни половина од тоа што тие го правеа. Таков ентузијазам немав видено. Со многу тешкотии го издржав тримирот, а потоа отидов и на првата исповед, каде за прв пат разговарав со о. Партениј, човек кој е одговорен за целиот Бигорски Манастир, Манастирот во Рајчица, а, се разбира, и за сите нас што имаме проблеми со зависности.
Тој е човек со неизмерна љубов, на која никој не останува рамнодушен, дури и луѓе од друга вероисповед. Тој е толку трпелив и верен, и секојпат кога ни беше тешко, нè охрабруваше со мудри поуки. Нашите таги беа и негови таги, но тој никој пат не очајуваше. Во неговиот глас секогаш имаше нова надеж. На првата исповед, покрај тоа што му ги кажав сите проблеми што ги имав, му кажав и дека не верувам во Бога. А тој со потполно смирение ме праша: „Зошто, дете мое?“ Јас на тоа одговорив: „Од толку многу религии, од каде да знам која е вистинската?“ Се замисли и ми одговори кратко, без никаков сомнеж: „Седи тука, биди послушен и Бог ќе ти се покаже“.
И покрај тоа што ми го кажа, немав некои очекувања. Сè уште бев скептик во однос на постоењето на Бога. Сакав да отседам краток период и да си одам; не ми ни падна на ум дека ќе останам половина година. Беше тешко, се трудев да одам на послушание, да бидам редовен на богослужбите… И неочекувано, скоро кога ја изгубив и најмалата трошка надеж за суштествувањето на Бог, на една од богослужбите почувствував нешто што не може да се опише со зборови. Чувство кое како да не беше од овој свет. Чувство кое со ниедна дрога го немав осетено. Некоја радосна тага, која ме успокојуваше и ми даваше надеж дека сите работи ќе се средат. Траеше неколку секунди, а потоа, целиот замислен и возбуден, со нетрпение го чекав моментот кога ќе го видам Отецот и ќе му го кажам моето доживување. Дојде и тој миг и целиот сè уште под импресии пробав да ја опишам состојбата во која бев. А Отецот ми кажа: „Сега, чедо мое, кога Бог го допре твоето срце, немој да Го изневериш. Остани до крај, и да бидеш пример и да им помогнеш и на други деца да се спасат“.
Искрено, после тој настан бев целиот збунет и зачуден и си велев во себе: „Човече, Бог постои!“ Цело време мислев на Бога, но во својата глава не можев да создадам никаква слика за Него. Впрочем, како некој и би можел да создаде слика за Тоа предвечно и несфатливо Битие!? Седејќи и размислувајќи така, сфатив дека после 30 години срцето мое го најде она што го бараше, и тоа во Божјиот дом. Како минуваше времето, желбата за дрога исчезнуваше, а јас не само што поверував, туку почнав и да го чувствувам делувањето на Бога. За секој мој труд бев награден, а за секој пропуст – опоменат. Времето изминуваше и полека се приближуваше најголемиот христијански празник, Воскресението Христово – Велигден. Во манастирот владееше прекрасна атмосфера и покрај тоа што имаше многу работа. Очигледна беше неизмерната радост кај сите. Богослужбите на Страсната Седмица, Неделата на Христовите Страдања, беа чудесни и само ја потврдуваа мојата вера.
Како изминуваше Страсната Седмица, дојде и вечерта пред Велигден, а јас уживав во сцената, која беше полна со живост и во која огромен број на луѓе од сите возрасти, одеа заедно кон Божјиот дом. Се замислив и си реков: „Светот би бил многу посреќно место за живеење, кога сите ние, во текот на целиот свој живот, би го задржале духот што го имаше на Велигден“. Дојде полноќ, и сите, без разлика дали се познаваат или не, едни на други си кажуваа: „Христос Воскресе!“ Во тие мигови навистина верував дека сум на вистинскиот пат, дека ќе бидам исцелен и сета болка ќе исчезне.
После половина година помината во манастир, со Божја помош и по молитвите на мојот духовен отец Партениј, подготвен сум да продолжам со животот, да се борам да бидам добар Христијанин, а со тоа и добар син, брат, внук, другар… Подготвен да се носам со сите последици и да стојам на располагање на луѓето што најмногу ги повредив до крајот на животот.
И најважното што го научив во овие шест месеци – тоа дека сите ние луѓето сме толку несовршени и дека без Бога ништо не можеме. Иако многумина од нас го негираат Неговото постоење, Он е насекаде, и чека од нас да ја отфрлиме гордоста, да се покаеме, и да признаеме дека сме немоќни без Него. Да сфатиме дека за секој успех ни помогнал, а секој наш пад е само последица од тоа што самите ние, со нашата слободна волја, која Бог ни ја дал, сме се оддалечиле од Него. Мора да се трудиме да живееме правилно и да се надеваме на Бога. Така секогаш ќе бидеме посреќни, зашто сè е минливо, а само БОГ Е ВЕЧЕН!
01 септември 2016 лето Господово,
Бигорски Манастир
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.