| четврток, 6 декември 2018 |

Музејот на македонската борба ја одбележа петгодишнината од постоењето

Музејот на македонската борба за државност и самостојност денеска одбележа пет години од постоењето. Музејот е проект на Владата на Република Македонија и е отворен на 8 септември 2011 година по повод 20-годишнината од независноста на Македонија. Првично во него работеле девет лица, а во моментов заедно со подружницата „Порта Македонија“ има 36 вработени.

– Се формиравме и надградувавме не во од, туку во трк. Музејот во изминатите пет години разви различни програми и проекти што донесе резултати и соработка  со голем број установи, невладини организации и поединци. Го посетија над 200 илјади гости од преку 80 држави од целиот свет, но и многубројни високи државни делегации, рече директорот на Музејот Бранислав Светозаревиќ во поздравниот говор.

Тој посочи дека во Порта Македонија се организираат од 150 до 200 комерцијални и некомерцијални настани од кои 25 до 30 се во организација на Музејот или во коорганизација со други институции.

– Нашата установа стана неизбежна дестинација  за посета на културни настани, едукација, дружење, забава…. Работата со хендикипираните и инвалидизираните лица е посебно поглавје од нашата работа. Од нив најмногу учевме и за работата и за животот, рече Светозаревиќ и се заблагодари на пријателите на музејот кои донирале вредни експонати.

muzej-na-mak-borba-640x294

Посочи дека во изминатиот период е развиена плодна соработка со сродните институции во земјава, но и со универзитетите.

– Студентите по историја и архивистика на УКИМ се наши практиканти, а имаме тесна соработка и со Универзитетот Лестер од Обединетото Кралство и Санктпетербуршкиот универзитет од Русија,.. Музејот го презентиравме и во Белград, Загреб, Сплит. Имаме понуда тоа да го направиме идната година во Детроит… Во 2013 година во Бурса, Турција, ја добивме специјалната награда на Европската музејска академија. Втората голема награда пристигна од Санкт Петербург од Руската Федерација, каде ја добивме наградата „Жива“ во рамките на форумот на словенски култури во категорија за најуспешни презентации, рече Светозаревиќ.

Најави дека од октомври Музејот ќе почне да го спроведува проектот Викиклуб преку кој на професионален начин ќе се врши обука за пишување текстови и други корисни техники за апликација во Википедија на македонски јазик.

По повод петгодишнината од постоењето Музејот на македонската борба издаде брошура „Пет години Музеј на македонската борба“, која содржи 64 фотографии кои ги покажуваат активностите на Музејот. Од следната недела ќе почне да функционира и новата редизајнирана веб-страница www.mmb.org.mk на Музејот што ќе биде лесно достапна за сите видови на мобилни, таблети и компјутери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top