| четврток, 6 декември 2018 |

Што смее, а што не смее да се прави за време на изборна кампања

Според Изборниот законик, изборната кампања почнува 20 дена пред денот на изборите, а и во првиот и во вториот круг таа завршува 24 часа пред денот на гласањето.

Кампањата трае само три недели за да се намалат трошоците и да се создадат еднакви можности за независните кандидати. Од таа причина, во 2006 година од 30 на 20 дена беше скратена и изборната кампања за локалните избори.

Додека не почне изборната кампања (21 ноември), Владата работи нормално.

Според Законот за спречување на корупцијата, од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори до завршувањето на изборот за пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на влада, извршната власт не смее со буџетски средства да почнува изградба на инфраструктура, како патишта, водоводи, далноводи, канализација, ниту училишта и градинки.

Почетокот на кампањата значи дека почнуваат да важат нови правила како за однесувањето на јавните функционери, така и за медиумите.

Од тогаш јавните функцинери се само технички, а ако се кандидати за пратеници, имаат шанса за 20 дена да ги убедат гласачите повторно да гласаат за нив. Иако во Македонија одамна не се знае која е границата меѓу јавната и партиска фунција, сепак Изборниот законик предвидел правила на однесување за време на изборната кампања.

избори

Што не смее да се прави:

Уредници, новинари, водители на програма и презентери не смеат да учествуваат во предизборни активности на политички партии. (Доколку сакаат да се вклучат во кампањата на некоја партија, тие мора да го замрзнат својот работен ангажман до крајот на изборите).
Анкети на јавното мислење за изборните резултати се објавуваат најдоцна пет дена пред денот на одржување на изборите. (При објавување на резултатите, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот што го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето).
Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите не смеат да се објавуваат пред 19 часот, односно пред затворањето на избирачките места.
Предизборните собири не смеат да се одржуваат во воени објекти, верски објекти, болници, домови за стари лица, училишта, детски градинки и други јавни институции.
За потребите на изборната кампања не е дозволено да се користат просториите, опремата или другиот имот што е наменет за работа на државните органи и на органите на општините и на Градот Скопје.

Иако предизборната кампања сè уште не е почната, сепак, како и минатите изборни циклуси, политичарите го прекршуваат Изборниот законик. Речиси постојано има партиски конвенции, трибини, средби со граѓани.

Иако Изборниот законик предвидува кампањата да почне 20 дена пред одржувањето на изборите, сепак изборните каравани тргнаа порано во битката по гласови. Ваква практика кај нас не е ништо ново.

Заобиколувањето на Изборниот законик и злоупотребата на периодот пред почетокот на изборната кампања стана традиција. Според законот, ДИК може да поведе прекршочна постапка против партиите што не го почитуваат Изборниот законик, но откако ќе добијат решение со кое се потврдува нивната кандидатура.

До 21 ноември, денот на почетокот на изборната кампања, треба да се испочитуваат и други рокови:

17 октомври – Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) се должни да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес;
27 октомври – ДИК мора да го стави на јавен увид избирачкиот список. Јавниот увид трае 20 дена, до 16 ноември;
11 ноември – ДИК треба да ги објави описите на изборните единици;
18 ноември – ДИК мора да ги објави во дневен печат листите со кандидати за пратеници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top