Двајца членови на Нобеловото собрание кое ја доделува Нобеловата награда за медицина ќе се повлечат од таа должност, бидејќи се вмешани во скандал околу лекарски грешки, соопшти во вторникот член на комитетот.
„Кризата на довербата е толкава (…) што ќе ги замолиме да го напуштат Нобеловото собрание“, изјави секретарот на Нобеловото собрание кое ја доделува Нобеловата награда за медицина, Томас Перлеман за шведска новинска агенција.
Хариет Валберг, поранешна ректорка на Институтот Каролинска, реномиран шведски медицински факултет, и нејзиниот наследник на должноста Андерс Хамстен, се двајца од 50-те членови на Нобеловото собрание, професори од споменатиот факултет, кои го потврдуваат изборот на лауреатот кој го предлага петчлениот Нобелов комитет за медицина.
Вмешани се во скандалот кој избувна поради операциите на италијанскиот хирург Паоло Макијарини. Двајца негови пациенти починале, а третиот завршил во многу лоша здравствена состојба. Валберг била ректорка на Институтот Каролинска кога Макијарини е вработен, што сега се смета за голема грешка, а Хамстен навреме не ја сфатил сериозноста на скандалот.
Италијанскиот професор, кој се прослави во 2011 година со пресадување на вештачки душник прекриен со матични клетки, првпат во светот, извел во Стокхолм три операции. Двајца од тројцата оперирани починале, а третиот по зафатот морал неколку години да се лекува.
Неколку истраги, и во институтот и во медиумите, откриле дека не ги почитувал медицинските и етичките правила. Шведската полиција покрена истрага против професорот поради убиства.
Перлеман изјави дека ниту Валберг ниту Хамстен, коишто според статутот на Нобеловото собрание не можат да бидат отпуштени, не учествувале во изборот за добитникот на Нобеловата награда за медицина за 2016 година. Името на лауреатот ќе биде објавено на 3-ти октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Нобеловата награда за литература ја засени секс скандал
-
Нобеловата награда за мир ќе остане во рацете на Аунг Сан Си Чи, нема да и се одземе и покрај извештајот на ОН
-
Нобел под микроскоп: Сопруг на членка на Нобеловиот комитет откривал имиња на добитници
-
Зошто Тито никогаш не доби Нобелова награда за мир?


