МАНУ денеска со свечена академија го одбележа прогласувањето на Мајка Тереза за светица во Ватикан од страна на папата Франциск.
-Со гордост и благодарност го чествуваме чинот на прогласувањето на Мајка Тереза за светица. Ние, а со нас и целиот свет, ја имаме Мајка Тереза лауреат на престижната Нобелова награда за мир и Мајка Тереза светицата, рече претседателот на МАНУ, Таки Фити на свечената академија.
Тој нагласи дека Мајка Тереза според величината, возвишеноста, благородноста и епохалноста на своето дело без сомнение влегува во редот на најмаркантните светски личности на 20. век. Потсети дека Мајка Тереза во Калкута во 1952 година го отвори првиот Дом за гладни и болни, а таквите домови, како што рече, потоа под нејзиното будно око се множеа насекаде во светот.
-Така нејзиното доброчинство направи светица од неа уште за време на нејзиниот живот, рече Фити и додаде дека Мајка Тереза самата велела оти најтешката болест не е лепрата, туку осаменоста кога некој е сам и заборавен од сите.
Додаде дека според хуманите и величествени дела на големите личности се идентификуваат и стануваат препознатливи цели држави, народи и градови.
-Ние граѓаните на мултикултурна Македонија сме горди на нашата сограѓанка Мајка Тереза, но сме свесни и за фактот дека делата на најголемите личности ги прават граѓани на светот и дека тие подеднакво припаѓаат на целото општество… Длабоките хуманистички пораки од делото и ангажманот на Мајка Тереза денес треба да бидат вткаени во сите сегменти и пори на нашето живеење во обичниот живот, во науката, културата, во политиката…, рече Фити.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека денешната академија е дел од богатата агенда на религиозни, културни и научни настани кои нашите црковни, владини и државни институции ги реализираат во насока на одбележување на големиот историски настан кој, како што рече, ги обедини добронамерниците од целиот свет.
-Денешната академија е настан со кој уште еднаш ги потврдуваме нашите заложби за негување на ликот и делото на големата хуманистка која со својата оставнина не задолжи сите нас, ја задолжи нашата колективна меморија. Слободно можеме да кажеме дека сите ние сме горди наследници на Мајка Тереза и дека имаме историска задача да го продолжиме нејзиното дело, нејзината мисија за мир и љубов на Земјата и единство меѓу народите на светот, рече Канческа Милевска.
Таа потенцира дека Мајка Тереза стана светица и пример за преданото служење на Бога во кој со длабока и неизмерна почит и по нејзиното заминување во вечноста генерациите препознаваат надеж и верба во иднината на човештвото.
Мајка Тереза стана богатство на нашата современост која му припаѓа на светот, а нејзиниот живот стана уникатно сведоштво за бескрајната пожртвуваност кон другиот човек за возвишената смисла на животот, рече Канческа Милевска.
Министерката за култура ги цитираше и зборовите на јапонската универзитетска професорка од Токио, Хироми Кудо која рекла ако некој сака да го запознае животот на Мајка Тереза, треба да ги посети институциите која таа ги создаде во Индија, но ако некој сака да ја запознае нејзината душа тогаш треба да дојде во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.