| четврток, 6 декември 2018 |

Списокот е ист, какви ќе бидат резултатите: Колку ќе го чинат Заев фантомите?

Вкупно 1.770.736 граѓани имаат право на глас на вонредните парламентарни избори што треба да се одржат на 11 декември оваа година, соопштија од Државната изборна комисија, со што паднаа во вода лаги со кои челниците на СДСМ, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, две години манипулираа и се обидуваа да си обезбедат алиби бво случај на изборен неуспех.

Фантоми нема – е шлаканицата со која ДИК, на чело со партискиот човек Александар Чичаковски, му ја затвори устата на СДСМ.

Раководството на СДСМ излегуваше со синхронизирана изјава пласирајќи информации дека во земјава нема повеќе од 1.500.000 гласачи. Избирачкиот список со идентичен број на гласачи како во 2014 година кога опозицијата доживеа катастрофален пораз од 200.000 гласа разлика.

Овие податоци ДИК на 30 август им ги доставил на сите политички партии, меѓу кои и на СДСМ, но од опозицијата не престануваат со манипулации.

„Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се во очај – нема да можат да фалсификуваат уште едни избори. Без изборен инжинеринг, ги очекува пораз на 11 декември. Секој политичар со макар трошка совест би се засрамил од фактите што излегоа на виделина при прочистувањето на избирачкиот список. Но осомничениот Груевски не е таков политичар. Затоа неговата политичка кариера заврши. Бројките се фрапантни за сите што сакаат да живее во нормална држава. Вкупно 200.000 гласови и биле на располагање на власта за изборен инжинеринг. Веќе нема да може да бидат злоупотребени. Од нив, за 170.000 е констатирано дека се надвор од земјата и се ставени на посебен список, а 30.000 воопшто не постојат. Се потврдија проценките на СДСМ дека гласачкото тело во Македонија е еден и пол милион гласачи “ – стои во писменото соопштение на СДСМ.

Останува нејасно зошто СДСМ манипулира со бројките, особено ако се знае дека овој документ со потписот на генералниот секретар во ДИК, кадар на СДСМ, едногласно е усвоен од Комисијата.

Овој документ пристигнал на Бихаќка уште пред една недела и во него јасно стои, дека бројот на гласачи во избирачкиот список, по направеното пречистување изнесува 1,7 милиони гласачи. Уште почудно е како може Дамјан Манчевски, кој е потпретседател на партијата да не знае, дека списокот со бројот на гласачи, стои во фиоката на Заев на Бихаќка.

За потсетување, фантомската игранка на СДСМ почна уште пред една година. Шеќеринска ја почна лицитацијата со половина милион фантоми, се спушташе на 300.000, Заев падна под 270.000 за на крајот, пресметките да покажат дека ќе одиме со истиот избирачки список и на овие избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top