Ново гледалиште и богата програма на Македонската опера и балет денеска најавија директорот на МОБ, Игор Дурловски, и уметничките раководители Сони Петровски и Олга Панго.
– Отворањето на новoто гледалиште ќе се случи на 7 октомври, а комплетна сезона на МОБ за 2016/2017 година за разлика од порано ќе има поширок спектар на концерти и спектакли и ќе содржи околу 180 настани – информира Дурловски.
Уметнички раководител на операта Петровски рече дека во нареднава сезона ќе бидат прикажани премиерите „Евгениј Онегин“, „Турандот“, „Дон Џовани“…
-Сезоната ќе започне со Ана и Игор Дурловски на 8 септември во Битола во придружба на оркестарот на МОБ. Предвидени се и неколку премиери меѓу кои и „Сивилскиот бербер“ на 25 октомври, оперите „Палјачи“ и „Кавалерија рустикана“ кои ќе бидат изведени на 9 мај, а сезоната ќе заврши со премиера на операта „Џани Скики“ – истакна Петровски.
Нагласи дека ќе се одржат и традиционалните концерти како што е новогодишниот, на кој ќе настапат првенците Борис Трајанов, Благој Нацовски и Тамара Калинкина од Украина, како и концертот за Василица.
– МОБ ќе реализира и концерт на групата „Леб и сол“ која слави значаен јубилеј, 40 години од нивното формирање, кој ќе биде и проштален концерт. Најголем спектакл е мјузиклот „Тајно моја“ посветен на Тоше Проевски – рече Петровски.
Балетот, како што информираше Олга Панго, почнува со гостување во „Народно позориште“ во Белград по повод Денот на независноста на Македонија со претставата „14 часа“, а во кореографија на Игор Киров.
-Во средината на ноември ќе има светска премиера на претставата „Клеопатра“ во чест на 25-годишното искуство на примабалерината Александра Мијалкова, која ќе ја работи рускиот кореограф Васили Медведев. Во редовната програма ќе се играат „Шехерезада“, „Лебедово езеро“, „Дон Кихот“, како и многу детски претстави – истакна Панго.
Според неа, „Лебедово езеро“ во декември ќе се игра на мраз, а ќе имаат и гостување во Холандија со претставата „14 часа“. Олга Панго најави дека ќе има и хуманитарни претстави за поплавените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.