Пред почетокот на новиот циклус квалификации за Светското првенство во фудбал капитенот и најискусниот фудбалер во македонската репрезентацијата, Горан Пандев, во времето на подготовки одвои време за „Република“ да го даде своето видување за селекцијата под водство на селекторот Игор Ангеловски. Тој се осврна и на квалитетот на подмладената репрезентација, со која ќе се обиде да направи солидни резултати во овие квалификации во група со два европски и светски шампиони со кои македонската јавност ќе може да се надева на посветла иднина на македонскиот репрезентативен фудбал.
По подолга пауза се враќаш во македонската репрезентација. Што беше пресудно за таквата одлука?
Пандев: По назначувањето на Игор Ангеловски за нов селектор на сениорската фудбалска репрезентација на Македонија, веднаш стапивме во контакт, ме побара и посака да имаме средба во Италија. Без размислување ја прифатив поканата за состанок, која се одржа во Џенова. На тој состанок Ангеловски искрено и со отворени карти, што би се рекло, ми ја претстави неговата замисла за репрезентацијата и мојата улога во неа во случај да се одлучам да се вратам. Морам да кажам дека јас никогаш не сум се откажал од оваа селекција бидејќи ја сакам мојата земја, сакам да играм во дресот со македонски грб. Селекторот по кратко време на тој состанок ми влеа самодоверба и ми укажа дека сака да измени некои работи од корен, да ги постави на здрави нозе и да почне нов циклус со подмладен состав и со играчи што се носители на играта во своите клубови. Му дадов збор, му ветив дека ќе се вратам во репрезентацијата, но одлучивме да ми даде време за максимално да се подготвам во Џенова за да можам со моите игри стопроцентно да ѝ се ставам на располагање на македонската репрезентација.

Како течат подготовките и каква е атмосферата пред почетокот на новиот циклус квалификации за Светското првенство?
Пандев: Морам да истакнам дека овој состав на репрезентацијата е подмладен и дека почнуваме од нула да градиме една селекција, која има квалитет и која допрва треба да се докажува во европскиот и во светскиот фудбал. Селекторот Ангеловски направи еден спој на млади и квалитетни фудбалери и на искусни и докажани играчи, и тоа може да значи многу за иднината на репрезентацијата. Атмосферата е фантастична, секој фудбалер на овие кратки подготовки го дава максимумот и ја знае својата улога во тимот. Функционираме одлично и искрено се надевам дека можеме да направиме добар резултат. Сите знаеме дека квалитетот и вложувањата во репрезентацијата не соодветствуваат со рејтингот што го имаме во светскиот фудбал, но мораме да го докажеме тоа и на терен и со добри игри да се вратиме на местото што ни припаѓа. Очајните резултати од минатите два циклуса си го направија своето, но верувам во оваа нова репрезентација, која, навистина, има квалитет да се носи со далеку посилните европски селекции.
Во минатото играта на македонската репрезентација ја красела цврста игра во одбраната. Сепак, новиот бран млади и квалитетни играчи, кои играат во средината на теренот и во нападот, ветуваат дека Македонија може да игра и далеку поофанзивен фудбал.
Пандев: Во последните неколку години нашата репрезентација ја красела игра со цврста и со квалитетна одбрана. Навистина имавме репрезентативци како Новески, Митрески, Седловски и други кои се одлични дефанзивци и кои беа лидери и столбови на одбраната во своите клубови. Со текот на времето се промени и начинот на играње фудбал. Така е и во македонската репрезентација. Селекторот е на добар пат да постави далеку поофанзивна игра бидејќи новите играчи се технички добро подготвени. Сакаат да играат фудбал, да ја контролираат топката и да ја имаат контролата на теренот. Тоа ветува дека Македонија може да игра допадлив фудбал со повеќе обиди кон противничкиот гол и создавање шанси за гол повеќе од противникот. Со таквиот пристап на игра и ангажирање на сите репрезентативци нѐ очекуваат далеку подобри денови за македонскиот фудбал.

Досега голем проблем беше и минутажата на репрезентативците во нивните клубови. Со новиот бран доаѓаат фудбалери што се лидери во своите екипи и при секој собир на репрезентацијата ќе доаѓаат максимално подготвени.
Пандев: Тоа е точно. Во минатото имавме проблем да составиме репрезентација од играчи што имаат минутажа во клубовите. Имаа проблем со подготвеноста и поради малата минутажа во клубовите, имаа и нарушена самодоверба. Селекторот Ангеловски направи добар избор од играчи што се подготвени и имаат многу натпревари во своите нозе, што би се рекло, во текот на една сезона. Тоа овозможува да го дадат максимумот за репрезентацијата и на терен да истрчаат со полна самодоверба. Сега веќе имаме околу 15 фудбалери што редовно настапуваат за своите клубови. Кога би успеале да го подобриме и рејтингот на листата на ФИФА, тогаш многу лесно може да се случи да се направат и трансфери на некои од овие фудбалери во една од четирите најсилни лиги во светот, што ќе овозможи и поголем квалитет и искуство кое тие играчи ќе го донесат во репрезентацијата.
Да се вратиме на квалификациите. Групата е извонредно тешка и ако се каже дека Италија и Шпанија се на самиот светски врв, колку Македонија може да се носи со останатите репрезентации?
Пандев: Мое лично мислење е дека нашата група е најтешка во овој циклус квалификации за Светското првенство. Имаме две репрезентации, Италија и Шпанија, што биле светски и европски шампиони, вклучувајќи ја и Албанија и три учесници на последното Европско првенство во Шпанија. Морам да кажам дека ние како репрезентација почнуваме од нула. Никогаш не треба да се предаваме однапред и да се плашиме од имињата на останатите репрезентации. Ако одиграме како знаеме и умееме, треба да се носиме рамо до рамо со селекциите на Албанија и на Израел и, секако, да се обидеме да освоиме некој бод со Италија и со Шпанија. Треба да одиграме максимално одговорно, физички и технички подготвени и едноставно да го оставиме срцето на терен. Првиот натпревар ќе биде тежок бидејќи Албанија е составена од интернационалци што играат во најсилните лиги во Европа и се полни со самодоверба по прикажаните игри во последните квалификации за Европското првенство и на самиот европски шампионат. Сепак, во овие квалификации во нашата група се прашуваме и ние бидејќи сите почнуваме од нула и сите ја гледаме шансата за освојување бодови. Повторно ќе кажам дека атмосферата во репрезентацијата е на највисоко ниво и тоа ни дава надеж дека можеме да ги почнеме овие квалификации со добри резултати.

Летните натпревари на дел од репрезентативците во квалификации за Лигата на шампионите и за Лигата на Европа покажаа дека голем дел од твоите соиграчи во селекцијата играат на највисоко ниво и се лидери во своите клубови.
Пандев: Дел од репрезентативците имаа одлични настапи за своите клубови во квалификациите за ЛШ и за ЛЕ. Шкендија ни е најдобар пример дека со добра работа може да се направат одлични резултати. Тричковски со АЕК Ларнака, Хасани и Ибраими со Шкендија одиграа фантастично, реализаторските способности се на највисоко ниво и сега веќе имаме играчи што можат да постигнуваат голови. Треба да размислуваме на тимска игра и со максимална ангажираност во сите 90 минути, особено во мечот со Албанија, можеме да се надеваме на постигнување голови кои ќе ни носат бодови и ќе бидат од особено значење во натамошниот тек од квалификациите. Секако ќе ни недостигаат и Александар Трајковски од Палермо и Агим Ибраими од Астана, кои се врвни играчи, одлични колективни фудбалери, но на нив ќе сметаме во иднина откако ќе ги надминат повредите и ќе бидат сериозни конкуренти за првиот состав. Ако во минатото имавме проблем со реализацијата во нападот, сега веќе не би требало да биде така бидејќи имаме 6-7 извонредни напаѓачи.
Секако ги следиш и помладите генерации. Репрезентацијата на играчи до 21 година е на прагот на историски успех и пласман на едно големо натпреварување. Колку сериозно може да се смета на дел од тие репрезентативци во иднина за настап во сениорскиот состав? Гледаш ли некој свој наследник што може да биде лидер во националниот состав?
Пандев: Младите селекции се иднината на македонскиот фудбал несомнено. Таа генерација фудбалери, кои се во селекцијата до 21 години, па и помладите, имаат квалитет. Има млади играчи што веќе се зрели за настап и во сениорскиот состав. Многу од нив веќе настапуваат во странство. Имаат извонредни резултати во квалификациите за Европското првенство и искрено посакувам да го остварат тоа што го зацртале и да се пласираат на големо натпреварување. Талентот и квалитетот што ги поседуваат, ветуваат светла иднина за македонскиот фудбал. Еден што може да го понесе товарот на лидер во сениорскиот состав е Александар Трајковски, кој, за жал, не може да ни помогне на стартот од квалификациите поради повреда, но тој во иднина може да биде лидер кој треба да ги поврзе сите конци на теренот.

За крај, што сакаш да им порачаш на искрените симпатизери и навивачи на македонскиот фудбал?
Пандев: За да се остварат добри резултати и да има успех оваа репрезентација и, секако, нашата држава, потребна е поддршка од секого. Поради катастрофалните игри што ги имавме во последните два циклуса, симпатизерите и навивачите се разочараа од репрезентацијата, можам да кажам со право, и во многу мал број ги следат натпреварите, особено на домашен терен. Сакам да го пренесам ставот на сите репрезентативци дека сме подготвени за нов почеток. Полни сме со елан за докажување за добри резултати. Се чувствува одлично другарство меѓу нас, и тоа е добра појдовна точка за издигнување на македонскиот фудбал на местото на кое припаѓа. Сакам сите заедно да донесеме нови добри резултати и нови радости за Македонија.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Горан Пандев е објавено во 209. број на неделникот Република, 2.09.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


