Најавите дека платените револуционери на Сорос имаат амбиции да формираат политичка партија не се исполнија целосно, но не затоа што се откажале од амбициите сериозно да влијаат врз општествено-политичките случувања во државата, туку затоа што Зоран Заев реши да ги внесе во парламентот на мала врата.
Соросовите марионети, кои во Македонија дејствуваат затскриени зад таканаречените невладини и непрофитни организации, а се спонзорирани од Фондацијата „Отворено општество“ со милиони евра секоја година, и досега ја спроведуваа политичката агенда на нивниот газда – мајсторот куклар – но никако не успеваа да се наметнат како сериозен фактор во донесувањето на круцијалните политички одлуки. И покрај нивните инсистирања, проследени со закани и со уцени, да добијат столче на преговарачката маса заедно со лидерите на политичките партии, сепак останаа надвор од решението. Но, по претстојните избори, ситуацијата може да се промени. Платениците на Сорос не само што ќе добијат можност многу посериозно да влијаат во разнебитувањето на државните институции, туку и тој ангажман ќе им биде платен од буџетот, односно од џебот на граѓаните. Сето тоа благодарение, пред сѐ, на Зоран Заев и на СДСМ.
Исплашен да не доживее уште поголем дебакл од очекуваниот на претстојните предвремени избори (а сите анкети покажуваат дека претстои тежок пораз на СДСМ), Заев е подготвен да им отстапи на соросоидите најмалку пет сигурни места на пратеничките листи на СДСМ. Информацијата потврдена од СДСМ беше пренесена од Соросовите медиуми. Таква великодушна понуда досега не добил ниту еден коалициски партнер на СДСМ во претходните изборни циклуси, пред сѐ поради логичната опасност во одреден период да ја откажат соработката со „поголемиот брат“ и да формираат своја пратеничка група со која ќе дејствуваат самостојно.
Со ветените пет-шест места на сигурни позиции на избирачките листи на СДСМ, платениците на Сорос ќе го добијат токму тоа што го посакуваа, а за што стравуваа дека нема да можат да го остварат ако регистрираат партија и одат сами на избори.
За возврат, Заев, пак, верува дека нема да загуби значителен број членови и симпатизери на партијата кои не се задоволни од неговото раководење, а со тоа ќе избегне и тотален распад на партијата до претстојните избори.
Колку и да изгледа коалицијата на Сорос и на СДСМ како добитна комбинација, таа во себе крие многу замки кои уште повеќе можат да го урнат и така катастрофалниот рејтинг на партијата.
Една од опасностите е дека многу членови и активисти на СДСМ што се противат на деструктивната и антидржавна политика на Сорос, ќе се одлучат за пасивен бојкот на изборите. Станува збор за интелектуалното крило на партијата, односно истите структури што во текот на кризата постојано се противеа на насилните сценарија и се залагаа за мирно решавање на кризата.
Од друга страна, исто така, не е тајна дека најголем дел од шарените платеници воопшто немаат добро мислење за лидерот на СДСМ. Меѓусебните лоши односи неколку пати кулминираа и на улиците за време на протестите кога платениците јавно го исвиркуваа Заев.
Исто така, интересно ќе биде да видиме на чии фотелји ќе седнат Соросовите платеници. Дали ќе ги земат местата на помалите коалициски партнери на СДСМ (како што се најавува) или Заев ќе мора да жртвува неколку свои сопартијци? Прашање е и како ќе се постават десничарските опозициски партии по влегувањето на шарените платеници во коалицијата. Дали на претстојните избори ќе се оградат од антидржавните елементи и ќе настапат посебно или ќе прифатат „љубов од интерес“ со Заев и со Сорос?
Какви и да се партиските математики во опозицискиот блок, јасно е дека на крајот сигурна добивка ќе имаат само Соросовите платеници. Со самиот влез во парламентот тие ќе добијат можност да формираат своја пратеничка група, која ќе има слобода да дејствува многу порадикално, дури и од пратениците на СДСМ, во насока на продолжување и продлабочување на кризата. Со самото инсталирање во парламентот, Соросовите платеници ќе имаат можност да предизвикуваат инциденти во Собранието, директно да ја опструираат работата на законодавниот дом, па дури и во одреден период од развојот на продолжената криза да бараат свои места во некаква нова широка владина коалиција.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.