Работена како втора претстава во тековната година, в петок и во сабота, на 2 и 3 септември, во 20 часот, во Турски театар премиерно ќе биде изведена „Пеги Пикит го гледа лицето на Бог“ од современиот германски автор Роланд Шимелфенинг. Режијата е на Ивана Ангеловска, а во драмата која се бави со „шизофренијата на понудените можности, преиспитувањето на сопствените избори и воопшто дезориентираноста на современиот човек“, играат Несрин Таир, Осман Али, Ерман Шабан и Сузан Акбелге.
Режијата е на Ивана Ангеловска, која говорејќи за текстот на Шимелфенинг, истакна дека е дел од Африканската трилогија, што подразбира дека е напишан по нарачка со уште два други на автори – творци од различни континенти и дека е всушност обид да се отвори еден глобален проблем – проблемот на Африка. Дополнува дека тие раскажуваат длабоко интимна приказна за два брачни пара, кои во своите триесетти се разделуваат и избираат комплетно различни правци во животот. По шест години се среќаваат и на таа нивна средба доаѓа до судир на целиот нивен живот, на изборите што ги направиле и преку нивното преиспитување, преку таа нивна ноќ, тие како тим се обиделе да донесат на сцена два света – светот на западното општество и светот на Африка.
-Африка никогаш не ја гледав само како Африка, ниту го гледав ова само како локален проблем. За мене Африка може да биде и овде кај нас. За мене Африка е секоја земја којашто се соочува со болести, со смрт, со војна и сметам дека текстов е многу денешен. Нас нè интересираше токму тоа. Нè интересираше да ги отвориме прашањата за нашиот однос кон светските проблеми, за нашиот однос кон тоа што се случува со светот и едноставно да се преиспитаме колку сме ние должни кога знаеме дека некој е во смртна опасност да превземеме нешто во однос на тоа. Да помогнеме на некој начин, вели таа.
Таа дополнува дека и двата пара се несреќни на крајот на денот. Дека и едните и другите посакуваат да го имаат животот на другиот пар. Дека сите се соочуваат со невозможни дилеми и одлуки за донесување и дека би сакале заедно со нив и публиката да си ги постави овие прашања.
Улогите во овој камерен проект ги толкуваат актерите Несрин Таир, Осман Али, Ерман Шабан и Сузан Акбелге.
Драматург и асистент на режија во претставата е Ивана Нелковска, сценограф Дарко Ристевски, костимограф Марта Трендафилова, а приходот од влезниците кои се продаваат по цена од 100 денари ќе биде наменет за настраданите во поплавените подрачја во скопскиот регион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.