| четврток, 6 декември 2018 |

Споредна улога и две заушки

Irena-Ristic

Родена на: 26 јануари 1975 во Охрид

Образование: актерка од класата на Владимир Милчин

Професија: шарена а заборавена

Додека претурав по чувствата, ќе се смеам ли, ќе ликувам, ќе сочувствувам, статусот го снема, но мене секако жалта ми остана. Од сите чувства жаловните се најсилни кога на активистот ќе му се додели улога на статист, па уште и некоја заушка. Ем ја тепаат ем не ѝ даваат да плаче. Жално и неправедно. Но, за среќа и благодарение на брзите прсти, статусот остана запишан некаде во архивите, па овој текст има смисла да постои.

Отворајќи ги полињата А1, А2…, доаѓаме до конечното решение на овие асоцијации – Ирена Ристиќ.

Актерка, активистка, шарена сокачарка – многу  врвни улоги во уличниот театар на опозицијата, пардон, на слободата.

Ирена не побара ордени за воени заслуги, не побара ловорови венци и златни медали, а рака на срце многу ѓонови истроши и многу улични камења шутна и секако ги заслужи. Сѐ што сакаше е да ѝ фрлат некој денар и тоа на повеќегодишни рати, чисто како „фала“ за одработеното и за „стручност, искуство и посветеност“.

Наместо тоа, Ирена го доби од трите пократкото. Ни портпаролка ни директорка. Ни Нора ни Санта. Ниту пак Огнен од Јаневци. „До следното видување“, а тоа многу ја погоди. Или ја налути, а сигурно и двете.

irena-ristic-2

Во солзи и бес се истури врз тастатурата и напиша:

„Ако се планира да се продолжи со жмровска методологија при распределба на позиции и средства, по принципот на блискост и симпатии, да не речам а ќе речам -полтронство, а не стручност, искуство и посветеност, онда не гледам зошто би гласале за таа некоја си нова опција и нејзините спроведувачи. Стариве бар си ги знаеме со години! Дај да не мењаме ништо. Супер е вака.“.

Довчерашните „браќа и сестри соборци, посветени, експерти, борци за слобода и демократија“ од денес се нестручни, неискусни и полтрони. Блиски и симпатични.

Набрзо и потврди дека го мисли она што го пишува, па објасни: „Муабетот ми е, ако сега не воведеме нови, подобри стандарди, ако не напраиме исчекор од муљот, онда мене ми е сеедно која боја е жмрото“.

irena-ristic

Да, за СДСМ зборува, за единствената опција за излез од „диктатурата“.

ognen janevski irena ristikj ivana ramadanova

И додека фрчат лајкови во знак на поддршка, наместо исто толку гласно колку и на улиците да каже што има, што ја мачи, кој ѝ згрешил, кој е праведен, а кој е подмолен, како кога се простираат валаните алишта на поранешниот, Ирена од некоја чудна причина го избриша статусот. Како никогаш да ја искарал, а тој како никогаш да не постоел.  И кога мислеа дека ја замолчеа, дека сега сѐ е како порано, Ирена е онаа старата, длабоко трогната од приказната за основните човекови права на келнерите кои работат по три работи, затоа што Македонија не вработува, заинтригирана од рибите и туризмот во Дојран, проактивна кога се зборува за квалитетот на образованието, таа подмолно го сокри оружјето во „види повеќе“, а таму на охридско-српски, демек шеговито, во два стиха болката што ѝ ја пара душата:

 Јао, Огње и Нора кафа им спремају 
Да они пред Катице више трема немају.“

Не беше Ирена родена за те пари народни, за тие фотелји удобни.


Текстот е објавен во рубриката „Личост на неделата“ во 209 број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 2 сеотември 2016 година

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top