| четврток, 6 декември 2018 |

Жерновски не се откажува од партиското уништување на ОУ „Кирил и Методиј“

Едно од најугледните и најстаро училишта во општина Центар, основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, продолжува да биде мета на политичките игри и обиди за партизација од страна на градоначалникот на општината Андреј Жерновски.

Откако пред неколку месеци со асистенција на екстехничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски насилно постави нов директор на училиштето, сега се обидува да го замени и постојниот наставен кадар на кој учениците се веќе навикнати, а родителите задоволни од нивната работа.

Неколку наставници очекуваат отказ од работа. Жерновски не планира да им ги продолжи договорите, иако тие, како и сите 50 наставници во училиштето се добро обучени и веќе 3 години по ред ја имплементираат престижната наставна ИБ програма во ова училиште. За нивната обука Министерството за образование и наука инвестираше повеќе од 150 илјади долари, а со одлуката која ја подготвува Жерновски се подготвува „крах“ на оваа програма која нема да може да се одвива без професори со соодветна обука.

Ова значи дека сега кога училиштето е на чекор да биде првото во државава со акредитација за оваа програма, постапка која трае со години, а сега е во завршна фаза, само поради теснопартиските интереси на Жерновски и вработувањето партиски активисти ќе биде урнат угледот и на школото, но и на целокупното образование во Македонија, а штетата директно ќе ја почувствуваат и оние кои се најмалку виновни – учениците, велат познавачите на состојбите.

Очигледно е дека за Жерновски реномираната ИБ-програма и не е некој престиж, иако центарското “Кирил и Методиј“, заедно со училиштето “Браќа Миладиновци“ во Аеродром, се единствените две во државата кои во моментов ја имаат привилегијата бесплатно да ја применуваат ИБ програмата, затоа што трошоците во целост ги покрива централната власт. За споредба, во други држави родителите плаќаат солидни суми за нивните деца да учат по програма која ја поттикнува креативноста, го буди критичкиот ум кај учениците и е призната од врвни светски стручњаци во образованието, со децении наназад.

Но, една работа која ја нема во постапката за акредитирање на школи во ИБ програмата е партиски вработувања на нестручни лица само затоа што ближат локални избори и градоначалникот на општината освен три калдрми и медиумски циркузи со закани за рушење тераси – нема со што да се пофали. Токму затоа може да се заклучи дека само поради партиски интереси Жерновски е на прагот да предизвика катастрофални штети по однос на образовниот процес на учениците во ова училиште.

Во меѓувреме грижата на наставниците и родителите на учениците станува се поголема, ако се земе во предвид дека новата учебна годиназапочнува утре.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top