Книгата „Светлината на Света Гора“ од Иван Џепароски е годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик напишана меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата.
Жири-комисијата составена од Вера Чејковска – претседател и членовите Весна Мојсова-Чепишевска, Санде Стојчевски и Братислав Ташковски денеска на прес конференција го соопштија добитникот.
Добитникот Иван Џепароски изрази благодарност за наградата и рече дека „Задоволството е поголемо што во жири комисијата се тројца поранешни добитници на наградата „Браќа Миладиновци“, а двајца се и добитници на наградта „Димитар Митрев“ за книжевна критика за есеистика, што уште повеќе говори дека човек не би посакал подобра и помомпетента комисија за да донесе едно такво решение. Книгата е инспирирана од мојот претстој на Света Гора и посетата на сите 20 манастири таму.“
Тој вети дека целиот паричен износ од наградата ќе го донира подеднакво за настраданите од поплавите во Скопје и во Фондот за изградба на конаците во Бигорскиот манастир.
Директорот на СВП Мите Стефоски истакна дека со напуштањето на еден член од Комисијата јавноста дозна дека се работи за серизона институција која работењето на жирито го има регулирано со Правилник.
-Јавноста дозна дека сме сериозна институција, бидејќи сме го регулирале работењето на жири-комисијата и однесувањето не само во делот на раководството, туку и на наградaта. Тоа е со цел да обезбедиме една значајна книжевна награда да биде достојно афирмирана и во светски рамки со тоа што ќе обезбедиме превод на друг странски јазик, добитникот да биде претставуван и понатаму, изјави Стефоски.
На последниот состанок членовите на жири-комисијата едногласно донесоа Одлука наградата „Браќа Миладиновци“ за 2016 година да ја понесе книгата Светлината на Света Гора од Иван Џепароски (Скопје, Магор, 2016).
-Книгата Светлината на Света Гора од Иван Џепароски (Скопје, Магор, 2016) е посветена на една и единствена тема – на верата, на црквите и манастирите што ја означуваат. Оваа тема овде е развиена како прекрасен лирско-духовен патoпис за „духовната држава“ Света Гора, патoпис кој пулсира со ритамот на минатото, сегашноста и иднината, а кој истите ги престорува во убавина озрачена со светлина. Поетскиот јазик во оваа книга е „стегнат“ до една многу голема изразност. Ова е остварено со преовладувањето на едноставни подвижни поетски слики, врзани со низа синтаксички стилски фигури. Непроменети или варирани, овие слики често се повторуваат во една и иста песна, што уште повеќе го засилува поетското доживување. Иако посветена на верата, оваа книга не ја проповеда побожноста во класично значење на зборот. Напротив, овде Богот е возвишениот ред на нештата како врвен закон на природата, закон што треба да се осознае. Затоа овде Бог добива наводници, станува „Бог“. Така и обичниот човек (монах, обичен верник од било која вероисповест или намерник) е воздигнат до „Бога“, и тоа преку чинот на човековото саможртвување сфатен како внурнување во исконот, како и преку човековата способност да постигне врвен спокој, односно состојба на примирување во едно единство на чувствувањето/насетувањето и умувањето како (барем во западната култура) спротивставени принципи на спознанието. Покрај што во книгата Светлината на Света Гора световното е осветено, уште поточно – свето, света е и природата: додека поетот стои на високите бреговите над морето, со поглед устремен кон уште повисоките цркви и манастири на Света Гора, над кои, пак, се извишува „Бог“, морските бранови што удираат во брегот, гранките на дрвјата под играта на ветрот и цвркотот на птиците исто така се извишуваат… Како на сцена да е некое сеопшто знаење дека облиците стигнале од горе, а се исполниле со содржина долу… Како да се одвива постојано струење меѓу општото и посебното…Со сите овие значења, книгата Светлината на Света Гора успева на особен начин да ни го посочи начинот на ослободување од комплицираните надворешни и внатрешни мрежи на нашето денешно урбано живеење, а тоа е посветеноста на суштината, на духовната свеченост, соопшти Вера Чејковска претседател на жирито и дополни дека жири-комисијата е уверена дека во прашање е книга што претставува датум во нашата современа поезија, книга во којашто заедништвото на креативното и интелектуалното е максимално постигнато со едно лирско мајсторство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.