Дека светот веќе не е ист како некогаш, покрај постојаните терористички напади, колатералните бомбардирања во кои гинат невини луѓе, самоубиствените напади, покажува и најновиот германски концепт на цивилна заштита, кој откако ќе биде одобрен од федералните министри, ќе треба да го аминува Сојузниот парламент или Бундестагот. А, според новиот концепт на цивилна заштита, граѓаните треба да складираат вода и храна за најмалку десет дена, колку што би траел периодот на вонредна состојба предизвикана од природни непогоди или од други причини предизвикани од човекот. Според анализите, во периодот од десет дена по евентуална природна катастрофа службите за помош не би можеле да бидат функционални и затоа граѓаните треба да се подготват сами да минат низ кризната ситуација. Практично, во ситуација кога германската економија цути, кога невработеноста е рекордно ниска, кога Германија го зголемува буџетот на Армијата и бројот на војници, кога Германија поседува најнапреден систем за следење потенцијални терористи и елементарни непогоди, германската влада неделата зад нас првпат по крајот на Студената војна ги советуваше своите граѓани да прават резерви од основни продукти за живот.
Напад на германска територија не е можна опција
Во документот со кој се предлага новиот концепт за цивилна заштита, а кој е долг 69 страници и го подготви Министерството за внатрешни работи во соработка со експерти од Армијата и други владини агенции и тела, се вели дека напад на германска територија кој би побарувал конвенционална одбрана не е веројатен. Сепак, во иднина не се исклучуваат големи закани за националната безбедност поради што се неопходни соодветни мерки, како складирање вода и храна. Според опозицијата, власта сее паника и страв. За дел од опозицијата концептот на цивилна одбрана на министерот за внатрешни работи е вештачко создавање страв од кризни состојби заради политички цели. Предлог- концептот што треба да го наследи стариот план за цивилна заштита, стар повеќе од 20 години, беше критикуван и на социјалните мрежи, каде што под ознаката „купување паника“ беа објавувани стотици критички настроени коментари за барањето на Владата да се набави храна за 10 дена и вода за најмалку 5 дена. На министерот Де Мазиер му се забележува дека без реална потреба создава стрес меѓу населението и дека ја дефокусира јавноста од проблемот со неподготвеноста на полицијата да се справи со радикални поединци кои неколку пати летово ја шокираа германската јавност убивајќи цивили во различни инциденти. Најголемиот дел од Германците ги дочекаа советите на Владата со цинизам, без вистинска реакција. За разлика од балканските земји, каде што, и без јавен повик од властите, на секоја шпекулација за криза продавниците се празнат инстантно, во Германија повикот на тамошното МВР помина речиси без никаков метеж или турканици во дуќаните.
Резерви
Во Германија има над 5.000 јавни бункери и засолништа градени со помош на државните институции. Тие се сместени во училишта, јавни установи, приватни куќи, но ни оддалеку не можат да пружат засолниште за сите граѓани. За претставниците на Владата постои специјален бункер кој се наоѓа на 30 километри од стариот главен град, Бон, но нема информации дали таков сличен објект има и во Берлин или во неговата близина. Според германските закони, сите засолништа изградени во текот на Студената војна треба да бидат одржувани и не смеат да бидат пренаменувани за други цели. Во исто време, државата на тајни локации има складирано огромни количини храна која би се користела во вонредна состојба.
Кои се причините за повикот од Владата?
Многумина од германските граѓани во повикот на Владата препознаа конкретни закани. Дел од нив сметаат дека Владата во Берлин не ја кажува целата причина за повикот да се складира храна и вода. Дел од нив се убедени дека германските безбедносни агенции имаат конкретни информации за планирани напади врз водоводи, реки и езера од каде се користи вода за пиење за населението, дека се можни инциденти во кои би биле загадени големи количини храна, посеви или вода со која се наводнуваат површини под овошје или зеленчук и други производи за широка потрошувачка. Има и такви што сметаат дека федералните власти имаат информации за нагли промени на климата и за елементарни непогоди што можат од темел да го разнишаат удобниот живот што го живее најмоќната европска држава. Вистината, според тоа што може да се прочита во медиумите и на социјалните мрежи, е некаде на средината. Владата не крие дека се можни неочекувани безбедносни инциденти или елементарни непогоди како тие во мај кога по интензивните врнежи во јужниот дел од земјата загинаа десетина лица, а неколку градови и села со недели не можеа да се стабилизираат по невремето кое во 4-милионскиот Берлин предизвика неколкучасовен хаос и прекин на сообраќајот.
(Текст објавен во 208. број на неделникот Република, 26.08.2016)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.