Откако се пополни на терен сѐ што беше политичката волја на опозицијата, сега сѐ поочигледно е одржувањето на изборите до крајот на годинава. Сепак, за да не излезе дека работите одат подмачкано, повторно во фокусот се најдоа медиумите и нивната регулација. За волја на вистината, медиумите и изборниот список беа наведени како минимум услови за избори. Откако половина милион фантомски гласачи се претворија во триесетина илјади живи луѓе, кои повторно ќе имаат право активно да се регистрираат во списокот во предизборието, опозицијата сега нема друго освен да ја компликува медиумската регулација за да не излезе како хероината во приказната за „лесната девојка“.
Но, не случајно се остава простор за нови барања за нови законски измени во последен момент, како што беше најавено и од Здружението на новинари за тоа да се разговара на средбата замислена како почеток на крајот на политичката криза и движење кон нови избори.
Не може да се зборува за медиумите и за СДСМ, а тоа да не нѐ донесе кон „култната“ изјава на лидерот Зоран Заев дека „медиумите се главни политички непријатели“ или пораките зад камерите дека сето тоа треба да се затвори, сомеле, запали. Јадењето живи луѓе во медиумите, онака како што беа дочекувани добар дел од новинарите на прес- конференциите во штабот на СДСМ. Зар некој ги заборави физичките напади врз медиумите што не им се по волја и финансиската „уредувачка политика“ на Сорос? Протестите, кршењата, обидите за упад во МРТВ, политичките пресови и митинзи пред приватни медиуми само ја надополнуваа сликата за односот на СДСМ кон медиумите што се „дрзнале“ да ги критикуваат и како партија и како поединци политичари.
Никако не може да се заборави дека начинот на кој СДСМ ги замислуваше „слободата на медиумите“ и „професионалното, објективно и транспарентно новинарство“ наиде на отпор дури и кај нивната испостава ЗНМ и кај сестринскиот синдикат. Нивната визија како треба да изгледаат медиумите беше наголемо оценета како цензурна, преку директна контрола во јавниот сервис, како и со советот во Агенцијата за медиуми замислен да казнува и да затвора медиуми по лично видување заради личен став на новинарите.
Кога веќе се потсетуваме за медиумите, политичкото и за (пред)изборното известување, мора да се анализира и нивното влијание врз гласачите во плуралистичката историја на Македонија. Така, зар објективноста во медиумите и еднаквиот пристап на опозицијата до нив и до публиката ги турна наследниците на „едноумието“ од власт во 1998 година и повторно во 2006 година? Дали опозицијата тогаш имаше рамноправен простор во етерот, во вести, емисии, дебати, дали однапред им беа договарани прашањата и им се постилаа црвени килими и уредници од порта до студио. Дали во весниците и во неделниците ги одбираа најубавите фотографии и цитати од нив?
Јавниот сервис и тогаш беше „дупка“, не многу подлабока од сега, ама таму работите, пак, беа драстични. Од тоа како на времето беше назначен, па разрешен тогашниот политички комесар, до тоа како беа носени „ударните“ сервис-кадри, кои потоа беа пронајдени на листата на владината пи-ар фабрика. Ништо поразлична состојба немаше ниту во приватните медиуми, чиишто тогашни новинари сега се медиумските гуруа на СДСМ. Уште поинтересно е нивното дејствување сега, со тоа што директно од нив зависи дали и кој опозициски функционер ќе учествува во одредена програма или вести на некој медиум, и покрај јасно изразената волја на политичарот.
И тука се поставува прашањето дали СДСМ со тоа што ќе бојкотира одреден медиум (што воопшто не е чудо) нема да „излизга“ одредени медиуми да не можат да емитуваат анализа. Или ако СДСМ нема никаква активност еден ден, нема да се емитува ниту предизборна активност на ВМРО-ДПМНЕ затоа што нема да има еднакво долг став и од СДСМ? Ова прашање е повеќе реалност отколку хипотетичко имајќи го предвид досегашниот однос на партијата кон одредени медиуми. Дури и при нивните обиди да учествуваат во дел од нив, повикани на интервјуа среде вести, времето и просторот го злоупотребија за плукање по нивните домаќини.
Сега кога се формира ад хок телото кое ќе треба девет пати да мери, а еднаш да сече и кога сите очекуваат (конечно) да се заврши и со овој политички излет, не може да не се очекува дека во тоа петчлено тело нема да има политика и дека политички назначените новинари-членови ќе се држат стриктно до професионалното оценување. Ако се оценува и според сликите, инсертите и тенденциите, многу е интересно како, доколку беше предизборие, ќе беше оценета медиумската покриеност на неодамнешната, да ја наречеме несреќна, изјава на Шекеринска, починатиот да седне, и кои би биле препораките и оценката на телото?
Но, уште поинтересна е ситуацијата со порталите. Тие во овој момент имаат дури и поголема моќ на влијание со тоа што може да пласираат информации во сите формати. Иако се чини дека сите сакаат да дигнат раце од нивна регулација, тоа отвора многу поголем проблем. Ако се сака вистинска регулација, тие не треба да бидат изоставени. Но, и да се воведе ред во тоа поле – сите што пласираат вести да бидат регистрирани како медиуми, а не да се кријат зад граѓански здруженија, да имаат импресум и да ги почитуваат правилата на игра. Инаку, што би ги спречило, на пример, телевизиите да тргнат во своеволие на овој нерегулиран простор?
Во западните демократии слободата на медиумите е неприкосновена, а, сепак, имаат политичка заднина која е отворена, дозволена и граѓаните, односно гласачите, ја прифаќаат со свест за плурализам и политички став. Решението кое се користи за овие избори, со ваков тип регулација на медиумите во предизборието, е преземено од Франција, но таму работите навистина се поинакви. Таму политичката култура е на ниво на кое опозицијата едвај чека можност да се најде во медиумите и подготвено ја дочекува секоја ситуација да се излезе на избори.
Ако се имаат предвид македонската опозициска политичка култура и традицијата што се наметнува, дека ќе се бара влакно во јајцето при евентуален нов обид за бегство од избори или во краен случај при пораз, анализирајќи ги настапите на Заев, дека ова е само привремено решение и дека политичарите допрва ќе се занимаваат со медиумите, тоа влакно овој пат може да биде работата на ова ад хок тело, чиешто блокирање би го урнало митот за завршена домашна задача.
И така до бескрај. Наместо медиумите да се занимаваат со политичарите, политичарите се занимаваат со медиумите, кои со оваа постава на македонската опозиција ја споделуваат судбината на Државната изборна комисија, Избирачкиот список и на Изборниот законик, трпејќи измени, хирови и тутори при секој нов изборен циклус или обид за него.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 208. број на неделникот „Република“, 26.08.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.