Ова е просторијата во која Тито и Јованка би се криеле доколку се појави потреба, покажа Злато Марасовиќ, директор на Националниот парк кон просторијата која претставувала т.н. „сигурна соба“ на крајот од лавиринтот на подземните тунели ископани во карпите на кањонот Пакленица.
„Бункерите на Тито“ со вкупна површина од дури 2000 метри квадратни се обновени и во неделата беа свечено отворени, но сеуште не е отворена „тајната соба“ на Тито. Таа ќе биде завршена во последната фаза на уредувањето, а на крајот ќе служи како мини кино сала во која ќе се прикажува филм за историјата на бункерот.
Бункерите се изградени во времето на „Информбирото“ кога односите меѓу тогашната Југославија и СССР се заострија, во периодот од 1950 до 1953 година. Ги граделе 500 војници од Југословенската народна армија (ЈНА), затвореници и осуденици, а во текот на изградбата на тунелите тука не смееле да поминуваат ниту посетители, ни граѓаните на Пакленица бидејќи се било држено во строга тајност, па Тито и Јованка тука не смеел никој да ги види, ниту се знае кога доаѓале ниту што правеле. од скривницата сеископани 8.500 кубици камен кој потоа се дробел и се враќал како градежен материјал со бетон.
Ѕидовите на тунелот од сите страни се обложени со бетон дебел еден и пол метар, потоа била поставена хидроизолација на која биле залепени уште 12 сантиметри бетон. Бункерите прв пат се отворени во 1991 година, а шест години подоцна се роди идејата подземната скривница да се пренамени и да стане центар за посетители, а работите на „Подземниот град Пакленица“ почнаа во 2000 година.
Досега во обновата се вложени 20 милиони куни, а поголемиот дел од сретствата ги вложи националниот парк кој поради тоа и подигна кредит од хрватските банки. Работите во оваа фаза на изградбата чинат 9,5 милиони куни, а поголемиот дел го финансира Фондот за заштита на околината. Уредена е и мултимедијална сала со вградена карпа за качување, сувенирница, кафуле, инфо пулт, како и просторија за припадниците на планинарските спасувачи кои тука би ја чувале опремата и би ги прифаќале повредените до пристигнувањето на брза помош.
– Вакво нешто нема никаде во светот, фантастично е опремен и прекрасно е вклопен во просторот на националниот прак. Уредувањето на подземните тунели во модерен туристички центар е најголем и најзначаен проект кој досега е реализиран во Националниот парк Пакленица.Ова е атракција која на најдобар начин на сите посетители ќе им ја презентира вредноста на паркот, рече министерот за заштите на околината и природата Славен Добровиќ, кој на свеченоста дојде во црвена маичка со знакот на планинарските спасувачи.
– Ова не е шминка, бидејќи јас навистина сум дел од планинарските спасувачи. Во минатото бев редовен член, но денес сум во резерва, а во преден план се помладите членови, рече министерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.