На локацијата на мегалитската опсерваторија Кокино се одржа целодневниот културен хепенинг „Кокино – тврдина на сонцето“. Овој несекојдневен настан беше со цел да се реализира едно поинакво афирмирање на мегалитската опсерваторија, која според НАСА се наоѓа на четврто место на најстарите опсерватории во светот.
-Со грижливо селектирана програма, мултимедијалниот фестивал „Тврдина на сонцето“ има цел да ѝ даде поинаква живост и промоција на самата мегалитска опсерваторија, без да се нарушат атмосферата и духот на самиот локалитет, велат организаторите.
Во подножјето на Кокино, долж обележаната рута и во просторот на самата опсерваторија се одржаа мноштво културни активности, едукативни тури до опсерваторијата, организирани работилници за филигран, керамика, компостирање, оригами и предавања од областа на астрономијата, поетско читање, но и музичка програма со Мухамед Ибраими, групата „Фолтин“ и Кирил Џајковски.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска при синоќешната посета на Кокино рече дека особено радува фактот што настанот предизвика голем интерес кај јавноста, а она што е од голема важност е што настанот има хуманитарен карактер и сите донирани средства од посетителите се наменети за жителите од поплавените подрачја.
-Во наредниот период планирани се активности за доопремување и оградување на локалитетот, изградба на пристапна патека за посетителите, поставување заштитни огради на дел од патеките, изградба на Центар за посетители во кој во иднина ќе се реализираат разновидни содржини, семинари, работилници, изложбен простор, сувенирница и ресторан. Проектот „Кокино –македонски бренд“ ќе се одвива во период години, до 2018 година и уверена сум дека силно ќе го промовираме Кокино во меѓународни рамки и дека ќе создадеме услови за негова одржливост што од друга страна ќе има и економски придобивки за Македонија, рече Канческа Милевска.
Потсети дека претходно како дел од четиригодишниот проект на Владата и Министерството за култура „Кокино–македонски бренд“ во Археолошкиот музеј на Македонија беше одржан Меѓународниот научен симпозиум на тема „Кокино – археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства“ и изложба на фотографии од локалитетот Кокино видени низ објективот на еден од најистакнатите македонски фотографи Љупчо Илиевски, додека Музејот во Куманово ја реализираше изложбата „Кокино – тврдина на Сонцето“ на која беа презентирани околу 150 артефакти откриени за време на археолошките истражувања на овој локалитет.
Посебно уживање беше набљудувањето на ѕвездите, каде во опуштена атмосфера на магичната локација предвидени се проекции на краткометражни филмски продукции околу полноќ на отворено небо со што се затвори целодневното дружење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.