Најдобриот македонски маратонски пливач во поновата историја на нашата земја, ветеранот Томи Стефановски најави крај на кариерата по завршување на оваа сезона во светско маратонско пливање. Истакнатиот и светски познат Стефановски, кој многупати ја израдувал македонската спортска јавност на некое светско натпреварување, го чекаат уште две трки во кариерата за, конечно, на 45-годишна возраст да се прости од пливањето. Повеќе од 35 години активни тренинзи со неколку паузи во кариерата најчесто поради повреди, Томи на 4 ноември ќе биде примен во „Куќата на славните во меѓународно маратонско пливање“. На свеченото прогласување во Лос Анџелес тој ќе влезе како првиот и единствен Македонец досега.
На 45-годишна возраст сѐ уште си активен во маратонското пливање. До кога ќе трае долгата и богата кариера?
Стефановски: Никогаш претходно немав најавено повлекување од активното пливање. Сите паузи што сум ги имал на светските натпреварувања биле поради сериозни повреди кои завршувале со операции или поради недостиг од финансиски средства. Оваа сезона сам си реков дека е доста. На моменти, по големите митинзи и пливачки маратони, не си го чувствувам телото. Не е како пред дваесетина години кога по некој испливан маратон можев веднаш да се натпреварувам на друг. Сега ми е потребна повеќенеделна рехабилитација. До крајот на оваа сезона во светско маратонско пливање остануваат уште две трки. Едната е на домашен терен во Охрид, а втората, кога и се затвара сезоната, е на легендарниот маратон од Капри до Неапол. По маратонот во Италија, дефинитивно, ќе ставам крај на кариерата.
Во маратонското пливање, гледајќи ги твоите резултати во последните пет-шест години, се чини, дека возраста не е воопшто проблем. За последен пат ќе настапиш на Охридскиот маратон. Какво е чувството?
Стефановски: Тоа и го кажав претходно. Кога се подготвувам за еден маратон, тоа не претставува никаков проблем. Во кариерата имав среќа да се подготвувам и да тренирам со врвни пливачи од самиот врв. Од нив научив како да ги штедам телото и целата енергија. Сепак, веќе имам 45 години и многу време ми е потребно за рехабилитација по испливан маратон. Без разлика на заморот што го чувствувам по учеството на двата маратона во Канада, каде што се искачив и на подиумот освојувајќи го третото место, чувството на домашен терен со учество на пливачкиот маратон во Охрид е навистина посебно. Ова ќе ми биде 17. настап во Охрид, секако ќе биде проследен со многу емоции. Сериозната повреда што ме оддалечи повеќе години од активното пливање, ме спречи да дојдам до јубилејниот, 20. настап. Сепак, ќе се обидам да уживам во водите на македонскиот бисер и ќе се потрудам, ако не се победа, барем со одлично пливање да стигнам и до подиумот.
По одличните настапи во кариерата, неколкуте први места на маратоните низ светот, второто место во генералниот пласман во светот и многубројните подиуми, се чини како круна на кариерата е влегувањето во „Куќата на славните во меѓународно маратонско пливање“.
Стефановски: Емоциите се поделени, да бидам искрен. Од една страна, сум многу среќен, а од друга страна сум тажен. Како што постојат вакви институции во други спортови, така и во маратонското пливање има „Куќа на славните“. Според мојата информација, ниту еден Македонец досега не успеал со резултатите што ги освоил да влезе во „Куќата на славните“ во ниту еден спорт. Тоа е особена чест за мене, за моето семејство, за останатите маратонци од Македонија, за нашата земја. По резултатите што ги направив, особено на залезот на кариерата, со второ место во генералниот пласман кога за влакно ми избега и пиедесталот, со многуте први места на маратоните во Канада, Аргентина, Мексико, некој се сетил на мене и одлучил да влезам во оваа реномирана институција која ги следи маратонците од целиот свет. Некој одлучил дека токму јас ќе бидам тој што ќе влезе оваа година во „Куќата на славните“. Сето тоа е во ред и е навистина убаво, но, од друга страна, морам да кажам дека јас целата моја кариера ја финансирам сам. Заработените финансиски средства од учество на маратоните низ светот ги пренасочував во подготовки за следен маратон, за следно натпреварување. Воопшто не е срамота да кажам дека јас сѐ уште си плаќам карта за влез во базен во Македонија за да можам да тренирам. Сите оние мали финансии што сум ги добивал не биле доволни за учество на еден голем настан, а воопшто не станува збор за покривање на целата сезона. Од средства за пат, сместување, тренинзи, исхрана, опрема. Затоа и претходно кажав, малку ми е жал што ќе влезам во „Куќата на славните“ бидејќи, гледајќи ги условите на останатите маратонци од целиот свет, успесите што сме ги направиле ние се далеку поголеми од реалната слика што ја има нашиот народ.
Во моментов се актуелни Олимписките игри во Рио де Жанеиро. Македонија учествуваше со двајца пливачи. Како го оценуваш нивниот настап и дали нашата земја може да се надева на подобри резултати во иднина?
Стефановски: Марко Блажевски и Анастасија Богдановски се убедливо најдобрите пливачи од нашата земја. Долги години не сме имале такви пливачи. Талентот што го поседуваат е неоспорен, но сите резултати што ги имаат се поради макотрпните тренинзи и работа, на кои се посветиле. Знаете како, народот во нашата земја никогаш нема да биде задоволен ако не е освоен медал. Морам да направам мала споредба иако тешко дека е возможна. За среќна на Марко и на Анастасија, нивниот талент и посветеност се забележани од врвни тренери во САД. Таму главната национална стратегија во сите спортови се прави на универзитетите. Некои од нив повеќе средства вложуваат во индивидуалните спортови некои во колективните. Марко Блажевски ја имаше таа среќа да биде на универзитет каде што пливањето е спорт број еден. Таму има беспрекорни услови да тренира со врвни пливачи од целиот свет, некои од нив се и олимписки шампиони и светски рекордери. Може многу да напредува и затоа мора сериозно да се смета на него и на следните Олимписки игри.
Правилата што ги направиле од Пливачката федерација на Македонија, кои се доставени до Македонскиот олимписки комитет, не дозволуваат учество на две олимпијади без освоена А-норма.
Стефановски: (се смее) Тие што ги правеле правилата, очигледно не се разбираат во пливање. Како споредба, во неговата дисциплина, 200 метри мешано, во финалето само првите пет натпреварувачи остварија време кое е со квалификациска А-норма. Ако некој од Блажевски или од Богдановски очекува тие во иднина да се освојувачи на медали, тогаш е во заблуда. Пливачката федерација на Македонија има блокирано финансиска сметка повеќе години. Не ми е јасно како може да очекува резултати од нашите пливачи кога нема вложено ниту еден денар. Пред два дена излезе податок дека освоените медали на британските пливачи во Рио ја чинат државата точно 5,5 милиони фунти по медал. Тие освоија шест медали, што значи дека државата за еден олимписки циклус вложила во пливачите повеќе од 30 милиони фунти, а, сепак, пливачите според нивната јавност потфрлија и освоија само шест медали. Никој од пливачите во Македонија не мисли дека токму федерацијата или државата треба да одвои толкави средства. Но, со направена одлична стратегија, финансиски план и континуирана работа и подготовки за еден или два олимписки циклуса, кои траат по четири години, Македонија може да се надева на пласман и во некое големо финале.
Многу самоуверено го кажуваш тоа дека Македонија може да има финалист во пливачките дисциплини на Олимписките игри. Од каде тој оптимизам?
Стефановски: Во последните неколку години во Република Македонија, навистина, се создадоа услови за тренинзи на пливачите. Се отворија и многу школи за млади категории. Нашата земја е расадник на млади таленти. Тие сега веќе имаат услови за тренинг преку целата година. Базенот во Карпош, кој е во склоп на СЦ „Борис Трајковски“, работи 365 дена во годината. Во наше време немавме ниту базен за тренинг. Пред секое големо натпреварување одевме во Бугарија за да направиме какви такви подготовки кои траеја само по петнаесетина дена. Сега е друго време. Повеќе од 300 талентирани деца пливаат во Скопје и, секако, и во другите градови. Со нив треба да се почне од најмала возраст да се работи сериозно и веќе кога и физички ќе се развијат, по 14. година, да влезат во натпреварувачки циклус со учество на голем број натпреварувања, митинзи, европски и светски првенства. И оттаму да се создадат нови македонски олимпијци кои уште како мали ќе тренираат во дисциплините кои најмногу им лежат. Ова важи и за базенското пливање и за маратонското. Жално ќе биде ако Македонија нема пливачи на следните Олимписки игри во Токио.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Дејан Станчевски
(Интервјуто со Томи Стефановски е објавено во 207. број на неделникот Република, 19.08.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.