| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ бара оставка од Трајановски, ВМРО-ДПМНЕ реагира: Трајановски е најуспешниот градоначалник на Скопје

koce trajanovski

Опозициската СДСМ во денешното пишано соопштение до медиумите бара оставка и одговорност од градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

– Коце Трајановски треба веднаш да поднесе оставка затоа што за него и ВМРО-ДПМНЕ приоритет беше Скопје 2014, наместо канализацијата за жителите на Црешево, Смилковци, Виниче и Љуботен. Трајановски е веќе осма година градоначалник на Скопје и треба да одговара морално, политички и кривично за се тоа што не направил, се вели во соопштението од СДСМ.

За Трајановски, се нагласува, поважно беше да ги троши парите на граѓаните за раскош и луксуз, споменици, фонтани, барокни фасади, златни огради, панорамски тркала, луксузна резиденција, жални врби.

СДСМ продолжува да бара оставка од најуспешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, бидејќи не сака кога во Скопје се подобруваат условите за живот. Градоначалникот Трајановски веќе два мандата одговорно и посветено работи за Скопје и тоа е очигледен проблем за СДСМ, реагира ВМРО-­ДПМНЕ на денешното соопштение на СДСМ. ­

– СДСМ лаже дека во Скопје не биле приоритет канализациските мрежи за Црешево, Смилковци, Виниче и Љуботен. СДСМ треба да ги праша своите советници во Советот на Град Скопје, дали Градот Скопје не одвои средства со меѓуопштинска соработка за изградба на фекална мрежа за овие населени места, пред да истура куп невистини и измислици во рамките на нивната црна кампања против Градоначалникот Трајановски, се вели во реакцијата од ВМРО-­ДПМНЕ.

Градоначалникот Трајановски, се додава, со многу труд и грижа работи за доброто на жителите на Скопје. ­ Тоа е нешто што СДСМ никогаш не го направи и е непознато за функционерите на оваа партија. Затоа СДСМ и на наредните локални избори нема да добие шанса од граѓаните ниту да се доближи до позицијата градоначалник на Град Скопје, потенцира ВМРО-­ДПМНЕ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top