| четврток, 6 декември 2018 |

Градскиот татко достоинствено им одговори на нападите на СДСМ: Наместо да терате политика, дојдете да им помогнеме на сограѓаните!


Додека јас се борам со последиците од водената стихија и секојдневно сум активно вклучен во расчистувањето на теренот заедно со администрацијата на Градот Скопје, јавните претпријатија и Противпожарната бригада, заедно со Владата и министрите, армијата, полицијата, Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со сите надлежни државни институции, многубројните волонтери и компании што притрчаа на помош во овие тешки времиња, од СДСМ упорно тераат политика. Ова го напиша градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски на својот Фејсбук профил и ги повика СДСМ да дојдат и заеднички да помогнат во расчистувањето на последиците од катастрофата.

Во продолжение погледнете го целиот статус на градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Почитувани,

Додека нашите сограѓани од населените места под Скопска Црна Гора се соочуваат со невидени последици од катастрофалното невреме што пред една недела го погоди Скопје и додека е во тек голема спасувачка мисија и акција за расчистување на штетите од поплавата, гледам деновиве во јавноста и по социјалните мрежи СДСМ тера висока политика и бара моја оставка од функцијата градоначалник на Град Скопје, а притоа не гледам ниту една конкретна причина зошто. Тоа го прават повеќе од 3 месеци, по промоцијата на секој реализиран инфраструктурен проект на Градот Скопје, што е од исклучително значење за граѓаните.

Додека јас се борам со последиците од водената стихија и секојдневно сум активно вклучен во расчистувањето на теренот заедно со администрацијата на Градот Скопје, јавните претпријатија и Противпожарната бригада, заедно со Владата и министрите, армијата, полицијата, Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со сите надлежни државни институции, многубројните волонтери и компании што притрчаа на помош во овие тешки времиња, од СДСМ упорно тераат политика.

И додека во СДСМ се преокупирани со собирање евтини политички поени ние деноноќно и безрезервно им помагаме на сите граѓани што беа погодени од временската непогода. Упатувам најискрено сочувство до семејствата што во водената стихија ги загубија своите најблиски. Длабоко сум убеден дека во овие тешки мигови треба да си подадаме рака едни на други, да понудиме помош, да се фатиме за работа, да ја потврдиме нашата хуманост со конкретни дела, а не само да редиме празни зборови.

Оваа несреќа треба да не зближи, а не да предизвика раздор. Сега е време кога треба сите наши сили да ги насочиме за да го вратиме животот во погодените населени места. Откако ќе заврши таа наша задача, ќе има време за терање политика и јасно ќе кажеме кој колку помогнал, а кој одмагал, а граѓаните ќе одлучат на избори.

Во меѓувреме, почитувани господа од СДСМ, Ви оставам време да им објасните на нашите сограѓани како успеавте се што беше сопственост на жителите на Скопје да им го одземете и да си го приватизирате.

Почитувани скопјани,

Дали се сеќавате на продажбата на Градските аптеки – сопственост на жителите на Град Скопје?

Дали се сеќавате на продажбата на градските гробишта – сопственост на жителите на Град Скопје?

Дали се сеќавате на одземањето на ПУИК со 10.000 станови – сопственост на жителите на Град Скопје?

Дали се сеќавате на продажбата на скопските пазари, на Топлификација, на Градскиот трговски центар – сопственост на жителите на Град Скопје?

Скопје, почитувани од СДСМ, е украден град и веројатно единствениот во светот кој е кираџија во сопствениот град. Со сигурност тврдам дека во градовите од регионот, како што се Белград, Загреб и Љубљана, ова не е случај, да не говорам за европските градови.

Сево ова, господа, е украдено од граѓаните, а Вие зборувате за негрижа и неодговорност.

Во овој момент би можел да редам уште многу, но ме чека уште многу работа на терен за да им помогнам на моите сограѓани, на кои сега сум им најпотребен, а тоа се моите сограѓани од Синѓелиќ, Економија, Инџиково, Стајковци, Смилковци, Булачани, Брњарци, Црешево, Страчинци, Бутел, Шуто Оризари и Лисиче кои покажаа невидена храброст и истрајност заедно со нас да ја надминат оваа катастрофа.

Ве повикувам и ве замолувам, господа од СДСМ, да дојдете и заеднички да помогнеме во расчистувањето на последиците од катастрофата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top