Македонскиот кандидат за генерален секретар на Обединетите Нации Срѓан Керим ги изнесе своите планови за реформирање на светската организација и за покренување иницијативи за разрешување на големите светски кризни жаришта. Во интервју за Лондонската Школа за економија, Керим се осврнува и на политичката криза во Македонија, велејќи дека Македонија апсолутно е пример за демократска земја.
– Самото тоа што Македонија поминува низ криза е показател на демократија. Демократијата не е гаранција за хармонија, напротив, таа е шанса за сите нешта да излезат на површината – вклучително и елементи кои се негативни. Во диктатура вие не знаете какви процеси се случуваат. Кризите се исто така дел од демократијата. Погледнете ги другите јужно-европски држави. Во Италија, мафијата има силно влијание, судии беа убивани, па сепак се смета дека тоа е демократска држава. Грција мина низ воен удар, го собори кралот и воведе република. Шпанија и Португалија исто така имаа подеми и падови во врска со демократските процеси. Ова се нормални процеси на патот кон демократијата, вели Керим на прашањето за состојбите во Македонија.
Поранешниот претседател на Генералното Собрание на ОН, кој влезе во потесниот избор за највисоката функција во организацијата, додава дека за него најтежок дел од професионалното искуство било работењето во медиумската сфера каде мора да се работи на ослободување од политичкото влијание. – Еден начин да се обезбеди ова е да се има економска независност на медиумите. Честопати се јавуваше прашањето на сопственоста на медиумите – понекогаш сопствениците не се заинтересирани за доброто функционирање на медиумите туку сакаат да ги искористат како оружје, дури можев да слушнам медиумски могул од регионот кој велеше дека медиумот е неговиот ‘калашњиков’. ВАЦ, компанијата за која работев, сакаше да ги надмине овие проблеми, да обезбеди економска независност на медиумите и да ја оддели медиумската сопственост од политичкото влијание, но не успеа во тоа. Се повлекоа од регионот во 2012 година, откако претрпеа сериозни загуби и се соочија со проблеми на политичко влијание во медиумите во секоја земја од југо-источна Европа, вели Керим на прашањето за односот кон медиумите.
Во врска со планираните реформи на ОН, Срѓан Керим оценува дека е катастрофална состојбата со застапеноста на жените во институциите на ОН и ветува дека ќе именува жена за заменик генерален секретар која ќе биде задолжена за менаџирање и ќе обезбеди на крајот на петгодишниот мандат најмалку 40 проценти од вработените да бидат жени. – Мојот план за првите 100 дена ќе биде да им се најави на вработените дека нивната задача е да им служат на земјите – членки на ОН, а не обратно. Еден од проблемите на ОН е што по 70 години, структурата на Секретаријатот е скаменета. Второ, не сакам луѓето околу мене да ми кажуваат дека не можеме да направиме нешто, туку сакам да ми кажат како може да се стори нешто. Со ротирање на вработените ќе ги надминеме инерцијата и бирократизмот, вели Керим.
Запрашан за големите безбедносни проблеми со кои е соочена организацијата, Керим вели дека ќе изнесе планови за Блискиот Исток и војната во Сирија, Либија и Хаити. За горливото прашање на Сирија, Керим вели дека ќе биде неопходно да се гарантира мирот и стабилноста во поширокиот регион околу оваа земја. – Легитимно е да се собори диктатор, но не е легитимно и не е добро со тоа да се урнат цели држави и народи. Видовме што се случи во Либија – беше потребно да се тргне Гадафи на страна, но не по цена на уништување на интегритетот на Либија, поткопувањето на нејзините институции и предизвикување хаос, додава Керим. Кандидатот за генерален секретар вели дека ќе се повика и на своето искуство со поранешна Југославија, како и на успешните превентивни мисии на ОН во Македонија, во раководењето на активностите на ОН во врска со постоечките кризни жаришта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.