| четврток, 6 декември 2018 |

Моника Пуиг е сензационална олимписка шампионка во тенис

Порториканската тенисерка Моника Пуиг направи вистинска сензација на тенискиот турнир на Олимписките игри во Рио, откако се заќити со златниот медал победувајќи ја во финалето апсолутната фаворитка Анжелик Кербер со 2-1 (6-4, 4-6, 6-1) во сетови.

Таа го донесе првото олимписко злато во историјата на својата земја, а воедно и стана тенисерка со најслаб ранкинг (34. место на последната ВТА листа) што успеала да триумфира на едни Олимписки Игри.

Големото финале Кербер го стартуваше со брејк, но порториканската тенисерка експресно се врати, па потоа и го доби сетот со 6-4. Германката возврати со иста мера во вториот сет, но кога беше најзначајно Пуиг почна да доминира, добивајќи го решавачкиот сет со убедливи 6-1 за најголемиот успех во својата кариера.

Пуиг досега во кариерата имаше само една победа над тенисерките од Топ 10 на ВТА-листата, а во изминатите десетина дена најпрвин ја совлада Мугуруза, потоа и Квитова, за вечерва да го комплетира успехот со победата над Кербер.

Финалето во машка конкуренција ќе се одигра денеска со почеток од 17 часот по македонско време, а во борбата за златниот медал силите ќе ги одмерат Едни Мареј и Хуан Мартин дел Потро

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top