Пред една недела североисточните предградија на Скопје и селата, кои гравитираат кон оваа област, ги погоди страшна катастрофа. Сцени како од библискиот потоп. Се соочија со ужасни искуства сите оние, кои се најдоа под оваа – како што рекоа стручните лица – водена бомба, со сила на нуклеарна бомба, ако се земе предвид огромната енергија која еманира низ сите тие 800 молњи и громови, плус, силата на воздушните маси и водата која се изли на одреден, не така голем простор. Всушност, зачудува таа неверојатна концентрација на стихискиот удар врз тој, како определен простор.
Разорувањето, предизвикано од овој „кијамет“ е енормно, посебно потресува бројот на човечките жртви.
Од земјотресот во Скопје од 1963 година немало ваква голема природна катастрофа. Но, дали оваа прокоба се случи приордно и спонтано со помош на стихиските елементи, ставени во една застрашувачка констелација или, пак, има и некои други агенси, кои во зоните на секогаш скептичната свест на вистинољубивиот истражувач, значат и обид да се испитаат сите можни инсинуации и индиции, без оглед колку фантастично или имагинативно изгледале на прв поглед.
Сепак, да се истурат 105 литри вода на метар квадратен во еден простор, прилично ограничен (на пример, во Стајковци), а само неколку километри југоисточно да паднат само пет литри на метар квадратен во истиот временски интервал, звучи скоро неверојатно, како некоја невидлива сила да ја концентрирала сета таа регионална циклонска активност на едно релативно ограничено, по простор, место.
Исто така, некои метеоролози, но и професионалци на раководни места во институциите за превенирање од кризи, кои скрупулозно ја набљудуваа и анализираа оваа природна непогода, беа вистински зачудени, дури и шокирани од конклузиите, од проследувањето на карактерот и однесувањето на бурата, вклучувајќи ги сите параметри и извлекувајќи заклучоци, базирани на стриктно научни методи, кои во својот краен ефект водеа кон контроверзни заклучоци.
За сите нив беше парадоксално, концентрираното паѓање на енормните количества вода на едно релативно мало место (како од туш), додека истовремено дува ветер од 70 километри на час.
Така облаците, преполни со влага, наместо да се движат кон југоисток, оддувани од силниот ветер, тие стојат и истураат вода без некое значително поместување. Дури и како да се собираа нови влажни атмосферски наноси, наспроти силната воздушна струја и како тие водоносни облаци да одат наспроти ветерот, привлечени од некоја невидлива сила.
Некои верски лидери поитаа да го протолкуваат овој локален, но смртоносен и ужасно разурнувачки потоп, како Божја казна и веднаш почнаа со дидактички проповеди, користејќи цитати од својата догматска литература.
Но, дали ова е навистина волја Божја или само Божјо допуштение, наспроти слободната волја на човека или на некое здружение, повторно, создадено од луѓе, како систем, кој ја координира политиката и технологијата? Или, подобро, дали некој ентитет – олицетворение на одредена политичка волја, ја користи технологијата за да предизвика динамичен механизам на казнување на одредена држава и народ за нивната непослушност?
Оваа претпоставка директно нѐ води кон конспиративната теорија, која во поновите времиња го опсервира и таканаречениот Харп систем, технолошка направа, која е иницирана уште во времето на истражувањата и експериментите на Никола Тесла.
Наводно, овој генијален научник – Леонардо да Винчи на 20 и 21 век – како го нарекуваат научните адепти, кога сфатил дека дел од неговите иновации и откритија можат да се искористат за насилство и војни, ги уништил овие проекти за ФБИ да не ги добие и инкорпорира во војно-индустрискиот комплекс на САД. Но, веројатно, неговиот процес на уништување на оваа документација не бил до крај спроведен.
Уште во седумдесеттите од минатиот век, Американците и Русите експериментирале со овој систем за климатски војни, а се претпоставува дека денес оваа технологија е многу напредната и дека покрај САД и Русија, ја имаат и Кинезите и Британците.
Минатите години вакви катастрофи имаше и во Србија и БиХ, а сега и во Македонија. Симптоматично е, што сите овие држави се најдоа на „линијата на огнот“ – како што рече државниот секретар на САД, Џон Кери – кога говореше за новите геополитички односи во Европа.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.