
Постапувајќи по кривична пријава на Министерството за внатрешни работи, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице – државјанин на Република Србија. Осомничениот се товари дека сторил кривично дело – шверцување емигранти од чл. 418-б ст.4 в.в. со ст.2 в.в. чл.22 од Кривичниот законик.
Во текот на вчерашниот ден, осомничениот, по претходен меѓусебен договор за паричен надомест, со уште едно НН лице од подрачјето на Гевгелија прифатиле и кон Куманово превезувале неутврден број емигранти. Осомничениот со своето патничко моторно возило превезувал вкупно 11 емигранти, од кои седум биле малолетни лица.
Новина во кривично правните настани на шверцување емигранти е појавата на државјани на Република Србија како извршители на ова кривично дело. Сторителите, користејќи го екот на туристичката сезона и транзитот на голем број туристи од Србија кон Грција по коридорот Куманово-Гевгелија по Вардарската долина, ги прикриваат своите криминални активности на сметка на зголемената фреквенција на сообраќајот. Тие како туристи легално влегуваат во Република Македонија и се движат со возила со странски регистарски ознаки по овој коридор, што во обратна насока е позната рута по која се движат емигрантите.
Кај досегашните криминални групи што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи во голема мера ги десеткуваа, како што е предметот „Којот“, кај непосредните извршители подолг период наназад не се пронаоѓаа и запленуваа парични средства, бидејќи плаќањето се извршуваше преку организатори и посредници. Дека станува збор за нова појава говори фактот што во новиот облик кај извршителите од Србија наплатата на криминалниот приход е непосредно од мигрантите.
Во вчерашниот случај кај сторителот се пронајдени и одземени 1.700 евра за кои основано се сомнева дека потекнуваат од предметното и претходно извршени кривични дела на криумчарење мигранти. Истрагата треба да утврди дали паричните средства се криминален приход или се од легално потекло. Министерството за внатрешни работи презема мерки за откривање и на вториот извршител.
На предлог на надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 – Скопје на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


