Женската ракометна репрезентација на Црна Гора која е вицешампион од минатите Олимписки игри од Лондон се во црна серија во Рио и од три натпревари досега запишаа истотолку порази. По поразите од Шпанија и Ангола, попладнево избраничките на селекторот Драган Аџиќ загубија од Романија со 21-25.
Сега за Црна Гора претстои тежок период бидејќи и останаа само теоретски шанси за пласман во четвртфиналето бидејќи треба да слави во последните два меча и тоа против селекциите на Бразил и Норвешка.
Да биде иронијата поголема, за третиот пораз на Црна Гора, најголема заслуга има ракометарката на Будуќност, Кристина Неагу која ја предводеше селекцијата на Романија со 10 гола. Значајна улога одигра и голманката Паула Унгуреану со 15 одбрани. Сето тоа само уште повеќе им ги зголеми маките на Црногорките кои во текот на целиот натпревар беа во негатива. Во бледото издание на „лавиците“, отскокнуваше само Катарина Булатовиќ постигнувајќи девет гола. Од двете вардарки во селекцијата на Црна Гора, Јованка Радичевиќ постигна еден погодок, а Андреа Кликовац не се запиша во листата на стрелците.
Во другите денешен натпревар на женскиот ракометен турнир, Шпанија славеше против Бразил со 29-24, а вечерва играат уште и Русија – Шведска и Норвешка – Ангола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.