| четврток, 6 декември 2018 |

Европскиот суперкуп во рацете на Реал Мадрид, „кралевите“ со титула ја стартуваат сезона (видео)

Екипата на Реал Мадрид со трофеј ја започна новата сезона. Вечерва во Трондхајм со минимални 3-2, славеше во Супер-купот на Европа над победникот од во Лига Европа од минатата сезона екипата на Севилја.

Тимот од Адалузија беше на чекор до изненадување и победа и „Кралевите“ се наоѓаа на работ на амбисот, но Серхио Рамос во 93. минута го постигна израмнувачкиот погодок, за Дани Карвахал да го постигне победничкиот погодок во 119. минута од средбата. По Трондхајм, Скопје и националната арена „Филип втори“ следното лето ќе ја имаат улогата на домаќини на Супер-купот на Европа, со надеж дека натпреварот ќе биде барем приближно интересен како овој вечерашниот.

Real Madrid v Sevilla: UEFA Super Cup

Зинедин Зидан ги немаше на располагање Пепе, Роналдо, Бејл и Крос, а тренерот на Реал дополнително донесе одлука да стартува и без Модриќ, Бензема и Хамес Родригез, што значеше дека „кралскиот клуб“ настапи со голем број играчи кои воопшто не беа стандардни минатата сезона. Шансата што му се укажа најдобро ја искористи младиот Асенсио, кој со фантастичен погодок од 25 метри го доведе Реал во водство на оваа средба.

sevilja

„Кралевите“ делуваа како да ја контролираат играта и резултатот, но Севилја сепак успеа да израмни во финишот од полувремето, откако екс-играчот на Палермо, Фран Васкез, одлично се снајде и од петнаесетина метри откосо го матираше Кико Касилја. Иско промаши одлична шанса со глава во финишот од првото полувреме, а плејмејкерот на Реал искомпликува и пропушти одлична можност и во вториот дел, по што казната стигна во 72. минута.

Витоло продре од десната страна и го мина Рамос, капитенот на Реал се обиде да избегне контакт, но не успеа, а судијата Мажиќ покажа на белата точка. Конопљанка беше прецизен од белата точка, но кога се чинеше дека победата ќе замине кај андалузијците, Лукас Васкез во судиското продолжение нафрли од десната страна, а на вистинското место се најде Серхио Рамос, кој со гол со глава го одведе овој меч во продолженија од два пати по 15 минути.

Real Madrid v Sevilla: UEFA Super Cup

„Кралевите“ на самиот старт од првото продолжение имаа и предност од играч повеќе, откако Васкез беше фаулиран од страна на Колодзијчак, кој заслужено доби втор жолт картон. Фановите на Реал се израдуваа во 99. минута кога Серхио Рамос повторно го надмудри голманот Рики, но Мажиќ ја запре прославата престрого досудувајќи фаул од капитенот на „кралскиот клуб“. Реал тргна во офанзива во второто продолжение, Васкез и Хамес Родригез не успеја да постигнат и трет гол. Лекција на поофанзивните фудбалери за ефикасност им одржа десниот бек Дани Карвахал, кој тргна во соло продор, нанижа неколку противнички играчи, за потоа мајсторски да ја смести топката во мрежата на Севилја.

Real Madrid v Sevilla: UEFA Super Cup

Финишот беше рутина за „кралевите“, кои стигнаа до третиот трофеј во супер-купот на Европа во клупската историја (2002, 2014, 2016), додека Севилја трета година по ред ја загуби битката за овој пехар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top