| четврток, 6 декември 2018 |

Средба на Путин и Ердоган за затоплување на односите

putin erdogan

Осум месеци откако турските сили соборија руски борбен авион Су-24, со што односите на двете земји драстично се влошија, претседателите Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган се состанаа денеска во Санкт Петербург во обид да ги решат проблемите и да свртат нова страница.

Средбата почна со ракување на двајцата претседатели, а во разговорите учествуваат и шефовите на дипломатијата на двете држави – Сергеј Лавров и Мевлут Чавушоглу, како и високи официјални претставници на претседателската администрација, пренесува Танјуг.

Оценувајќи дека односите на двете држави деградираа по инциденот со авионот, Путин порача дека денешната посета на Ердоган и покрај сложената политичка ситуација во Турција, сведочи за желбата односите меѓу Турција и Русија да се обноват во корист на двата народи.

– Вашата посета, што се реализира иако во Турција е многу сложена внатрешнополитичката ситуација, покажува дека сите ние сакаме да го вратиме дијалогот и односите во интерес на рускиот и на турскиот народ, изјави Путин по ракување меѓу двајцата лидери.

Ердоган на почетокот на состанокот рече дека соработката на двете земји значително ќе придонесе за решавање на проблемите во регионот.

– Во регионот многу очекуваат, од политичка гледна точка, од нас. Верувам дека нашата соработка ќе придонесе за разрешување на многу проблеми во светот, изјави Ердоган.

По повод неодамнешниот обид за пуч во Турција, Путин изјави дека Русија секогаш е против сите неконструктивни постапки.

Тој потсети дека меѓу првите се јавил и изразил поддршка на Ердоган за надминување на кризата по воениот пуч во Турција, а турскиот претседател прецизира дека повикот од Путин го израдувал.

– Се надевам дека турскиот народ под ваше раководство ќе ја надмине кризата, му порача Путин на Ердоган.

Сребата стана можна откако Ердоган во писмо се извини за соборувањето на авионот и изрази сочуство заради загубата на еден од пилотите и порача дека Турција не сака да   ги разниша односите со Русија.

Се очекува, Путин и Ердоган да ги разгледаат можностите за обнова на чартер летови и извоз на   турски производи во Русија, можноста за работа на турски градежни компании во Русија, проектот за гасоводот Турски поток и проектот изградба на елетрканата Акују.

Можно е да биде покренато и прашањето за исплата на компензации за соборениот авион.

Путин и  Ердоган по сребата ќе се придружат на претставниците на турскити руски бизнис кругови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top