| четврток, 6 декември 2018 |

Договорени се членовите на телото за медиумско мониторирање

ad-hok-telo-predlozi

Партиите предложија членови на телото кое ќе ги мониторира медиумите пред избори. Слаѓана Димишкова од Вест и Цветин Чилиманов од МИА по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и Горан Трпеноски од Вест и Љубомир Костовски од онлајн магазинот Глобус по предлог на СДСМ, се четворицата членови на ад хок телото што ќе ги мониторира медиумите за предизборниот период и за време на изборите.

Овие имиња стигнале до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тие имаат право на месечен надоместок за својата работа во висина од три и пол просечни месечни плати во Македонија, односно околу 80.000 денари.

Според измените на изборниот законик од кога ќе бидат предложени, директорот на агенцијата треба да ги именува четирите члена на ад хок телото веднаш, а најдоцна во рок од еден ден од денот кога ќе бидат предложени.

Потоа, петтиот член, кој не е по партиски предлог, туку експерт, четворицата партиски претставници треба да го договорат, а директорот на агенцијата да го назначи најдоцна 15 дена по нивното именување. Целата оваа процедура би требала да заврши до кај 19 август.

Измените на изборниот законик предвидуваат еден од петте члена на привременото тело да биде припадник на најголемата немнозинска заедница, така што сега очекувањата се дека експертот кој треба да го изберат четирите члена ќе биде Албанец.

Претходно, ДУИ и ДПА не беа заинтересирани за предлагање членови на комисијата, па СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ добија можност да предложат по двајца.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top