Кога не знаат како да влезат во институциите, на СДСМ местото му е пред институциите, на крстосниците, на улица.
„Не може нам нико ништа“ пееше Стевче Јакимовски по големата победа во Карпош на последните локални избори. Кандидатурата го чинеше исклучување од партијата СДСМ, од која беше дел. Но, докажа дека и без партија може да се бори и против другите и против „своите“. Деновиве сѐ почесто се зборува за неговото вклучување во една или во друга политичка партија. Со него разговаравме еден ден, откако беше најавено дека, можеби, ќе влезе во Граѓанска алијанса за позитивна Македонија.
Неодамна поминаа локалните избори. Ги добивте лесно. Зошто Карпош го сака Стевче Јакимовски?
Јакимовски: Победата не е лесно добиена, победата е заслужена. Граѓаните ме сакаат поради мојата посветеност на нив и на општината. Тоа беше евидентно. Тоа е поради резултатите што се остваруваа на терен, комуникацијата со граѓаните и тој мој однос кон граѓаните, кој е искрен, и затоа што во тој временски период се потрудивме општината да биде еден дом за решавање на проблемите на граѓаните, почнувајќи од тие од општ карактер, па дури и до решавање лични проблеми.
Дали е секојдневие ова што го затеков пред Вашата канцеларија, редица луѓе што чекаат да поразговараат со Вас?
Јакимовски: Секојдневие. Секојдневно примам граѓани, за разлика од мојот противкандидат, кој имаше отворено задна врата во барака 5 во Општина Карпош и ја имаше исечено оградата на кругот на Општината за да може да избега кон Лептокарија кога ќе се соберат многу граѓани пред вратата. Јас не бегам од граѓаните. Тие што ме чекаат пред врата, значи имаат сериозен проблем.
Што е првиот поголем проект што ќе го направите во Карпош?
Јакимовски: Гасификацијата. Ќе ја опфати целата општина. Колку ќе чини допрва ќе видиме, проектите се прават. Зависи и од тоа дали сами ќе одиме или со приватно-јавно партнерство. Ако оди со партнерство, спроведувањето на проектот ќе оди побрзо.
Како ќе се позиционирате во Советот, со оглед на тоа дека имате пет советника од вашата листа, и по девет од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ?
Јакимовски: Тоа е работа на советниците. Тие ќе преговараат меѓусебно, ќе договараат кој ќе има претседавач на советот и како ќе се донесуваат одлуките. Квалитетот на луѓето што го имам во Советот ми ветува дека имам добра советничка листа и дека ќе најдам истомисленици за доброто на граѓаните од Карпош, без разлика од која политичка партија доаѓаат.
Како ја оценувате кампањата на вашиот противкандидат во вториот круг? Дали таа негова антикампања, со споменување на продажбата на „гаќи на пазар“, Ви донесе дополнителни гласови?
Јакимовски: Не. Само граѓаните му го доизмерија умот. Видоа колку ум има и колку политичка тежина има. Мислам дека тоа ниту ми одзема ниту ми додаде гласови. Само нему му намали.
Очекувавте убедлива победа?
Јакимовски: Цело време имав анкети, кои укажуваа на мое убедливо водство. А, што се однесува до вториот круг, анкетата што ја добив четири дена пред избори говореше дека јас ќе имам 19.800 гласови, добив 19.764, а Петров 8.800 гласови, а доби 8.770, дека од членовите на ВМРО-ДПМНЕ 40 проценти ќе гласаат за мене , 25 проценти нема да ме гласаат, и имаше 2.608 неважечки и 35 проценти не кажуваа како ќе гласаат. Цело време мојата кампања се базираше на анкети за тоа што мислат граѓаните за мене и за мојата кандидатура.
Ќе прифатевте ли поддршка од СДСМ доколку решеа да не одат со свој кандидат во Карпош?
Јакимовски: Да, ќе прифатев. Тоа им беше последна шанса за разумен и рационален однос во оваа изборна кампања. Ја направија претпоследната грешка кога решија да пуштат противкандидат во Карпош.
А последната?
Јакимовски: Последната грешка ја направија по првиот изборен круг, кога решија да одат и во втор изборен круг место да се откажат и да кажат дека советниците од СДСМ ќе го поддржат Стевче Јакимовски. Тие, практично, ги урнаа сите евентуални мостови за соработка.
Храбар потег – да се оди спротивно на партиската одлука, да се излезе на избори и покрај одлуката на лидерот на партијата за бојкот.
Јакимовски: Друга одлука немаше да личи на мене, ниту на мојот карактер, ниту на епитетот најдобар градоначалник на Балканот. Значи, тоа ќе биде спротивно и на заслугите што сум ги имал, спротивно и на мојот карактер. Јас и не знам на поинаков начин да реагирам во вакви ситуации. Имав правено анкети претходно, ми беше јасно дека на овие избори победувам без разлика дали СДСМ ќе даде кандидат или нема да даде кандидат. Кој и да излезеше од СДСМ, резултатот горе-долу ќе беше сличен.
„Република“ објави дека дента, кога истекуваше рокот за поднесување на кандидатурите за локалните избори, Црвенковски Ви се заканил дека ќе ве снајде судбината на Амди Бајрам. Имаше ли закани?
Јакимовски: Не судбината на Амди Бајрам, судбината на Љубе Бошковски. Ми се закани дека ако се кандидирам ќе ја имам таа судбина.
Имаше ли и други закани и притисоци откако ја поднесовте кандидатурата?
Јакимовски: Кон мене лично не, кон моите деца имаше.
Преземавте ли нешто, пријавивте ли во полиција?
Јакимовски: А, што треба да преземам?! Да не ги знам што мажи се моите пријатели од СДСМ, можеби ќе се уплашев. Но, ги знам што мажи се, па немам причина да се плашам. Нека се плашат тие од мене, не јас од нив. Не само во политичка смисла, и во човечка димензија. Затоа на претседателот Црвенковски му реков јас знам дека разговарам со Бранко Црвенковски, но и вие мора да знаете дека разговарате со Стевче Јакимовски. Тоа беше претпоследната реченица и потоа му реков одам, за 15 минути ќе ви се јавам. Ако решам да одам на избори тоа е тоа, ако не решам да одам на избори јас веќе не сум со вас и утре во 12 часот ќе имам конференција за печат на кој ќе објавам дека ќе се повлечам од избори и немам намера да се занимавам со политика и да се глупирам по крстосниците, како што правите вие.
Кога веќе ги споменавте крстосниците, во медиумите се појави информација дека СДСМ продолжува со отпорот и излегува на улица.
Јакимовски: Не ми се верува дека имаат таква луда идеја.
Црвенковски по изборите рече дека отпорот продолжува.
Јакимовски: Нека се вратат. Веројатно таму им е место. На пример, кога Јадранка Косор и Стипе Месиќ во изборната кампања полемизираа дури и на безобразен начин и Косор му рече „ Гдје си ти био док сам ја била по даруварским подрумима“, Месиќ ѝ врати „И требала си тамо да останеш“. Јас, исто така, сакам да кажам дека кога не знаат како да влезат во институциите, местото им е пред институциите, на крстосниците, на улица.
Зошто СДСМ загуби катастрофално на овие избори или зошто ВМРО-ДПМНЕ победи толку убедливо? Каде се направени најголемите грешки?
Јакимовски: Одговорот е многу едноставен. Затоа што СДСМ отиде неподготвен на овие избори. Внимавајте која погрешна стратегија ја направија – се прави работно лето, се влечат луѓе по 70 години на 50 степени температура за митинзи, за средби, се промовираат луѓе и шест месеци подоцна велиш не одиме на избори. Целата таа атмосфера падна надолу. Одлуката да не се оди на избори беше погрешна, а одлуката, пак, да се оди на избори со задоцнување беше погубна за опозицијата. Груевски еден месец води официјална кампања со сцени, рекламни паноа, исечоци на телевизија, а СДСМ вели бојкот, бојкот, бојкот и наеднаш излегува на избори без реклами, без спотови, без смислена кампања, без рекламни паноа и летоци. Нема ништо. И ништо од ова не е пресудно, ама се повлекува по малку и си носи одреден процент гласови. ВМРО-ДПМНЕ му водеше на СДСМ и пред изборите. И сега кога решаваш да одиш на избори, а си го скратил времето на кампањата, јасно е дека нема теоретска шанса да им се доближиш. Напротив, јазот ќе ти се зголеми. Згора на сѐ, СДСМ е влезен во една, за мене чудна варијанта, да бојкотира одреден дел од медиумите. „Сител“ им даваат едно евро за една секунда, тие одбиваат. И на тие дебати што ги има, толку колку што ги има, тие одбиваат да учествуваат.
Може ли СДСМ да „пркне“ додека Црвенковски е активен?
Јакимовски: Моја грижа се граѓаните на Карпош. На СДСМ е грижа членството на СДСМ. Јас не сум член на СДСМ.
Кире Наумов во интервју за „Република“ изјави дека СДСМ треба да им се извини на сите тие што ги отфрли од партијата и да побара тие да се вратат. Би се вратиле ли во СДСМ? Под кои услови би го направиле тоа?
Јакимовски: Не, не би прифатил. Каков е тој начин?! Не сме деца. Тоа е како вие кон некого да негувате искрено пријателство, ќе пивне некоја чашка алкохол, ќе ве навреди и кога ќе се отрезни ќе ви каже „извини, пијан бев“. Напротив, кога е пијан има само малку повеќе храброст да го каже тоа што ви го мисли трезен. Така и СДСМ падна во еден делириум по мојата одлука да одам на избори. Практично, ми истури сѐ што потајно мисли за мене. Сите навреди, уцени, закани, шпекулации, лаги… тлееле долго време кај нив. Како може да го заборавам тоа.
Што доколку Црвенковски се повлече? Би се вратиле во СДСМ?
Јакимовски: Па, јас не видов дека некој таму се огради од неговите ставови. Од мислењата и од плукањата. Не само тој и неговите луѓе. Не видов никој да излезе и да рече јас сум член на СДСМ и го осудувам ова што го прави СДСМ и нивниот однос кон Стевче Јакимовски. Или, пак, по изборите некој да каже ајде другари, сега фино да му се извините на човекот затоа што тој беше во право, а вие не. Ми стои како едноумие.
Најголемите грешки на Црвенковски
Дали поради внатрепартиски проблеми СДСМ ги загуби Ресен, Карпош, па и за Куманово им се закани пораз?
Јакимовски: Бранко Црвенковски досега не правел големи политички грешки. Ова му се најкрупните што ги направи. Во последните две години негова голема политичка грешка е што во 2011 година бараше предвремени парламентарни избори. Ај што бараше, па втора грешка му беше, што кога прифати да оди на избори, прифати да оди според закон каков што си сака Никола Груевски. Трета политичка грешка – кој Цацко го тераше да ги прифати резултатите на изборите на 5 јуни. Значи, ќе имавме игра. Следната политичка грешка беше да реши да не оди на локални избори. Потоа грешка беше одлуката да оди на избори. Кажав претпоследната грешка ја направи со мене кога реши да даде кандидат за градоначалник на Карпош, поради што граѓаните го перцепираат како одмаздољубив, инаетчија, избезумен, нерационален… Последната грешка беше што место да се повлечат по првиот круг, да го признаат поразот, продолжи со негативна, валкана кампања…
Морам да забележам дека сѐ уште ги нарекувате „моите пријатели од СДСМ“.
Јакимовски: Да. Нормално дека бев пријател на СДСМ. Јас најмалку го посакував ова што се случи, ниту, пак, сум среќен што му се случи ова на СДСМ. Ниту, пак, ликувам од оваа ситуација дека еве јас победив, мило ми е што тие загубија катастрофално. Тоа не е здраво за демократијата, за политичката ситуација во Македонија. Овие катастрофални грешки на раководството на СДСМ носат штета на целата република. Ако имате власт што може комотно да се чувствува и, извинете, ама да ни поставува коњи со испрчен задник, а ние да си го голтаме тоа, не е добро тоа што се случува за ситуацијата во земјава. Воопшто не сум среќен што му се случува тоа на СДСМ.
Иницијаторите за создавањето на Граѓанска алијанса за позитивна Македонија ги посакуваат во своите редови и старо-новиот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, и претседателот на Либералната партија Ивон Величковски. Дали размислувате за нова политичка опција и дали би биле лидер на партија? Имате ли такви амбиции?
Јакимовски: Јас нема да бидам нескромен ако кажам дека веројатно најинтересна победа, најчиста и најголема победа, не е победата на ВМРО над СДСМ, туку победата на Стевче Јакимовски над СДСМ и над ВМРО-ДПМНЕ. Има ли политички субјект во Македонија, освен раководството на СДСМ, кое не го посакува Јакимовски во своите редови. Веројатно така резонира и Владо Бучковски. Јас каде било да се приклучам одам со позитивен политички багаж, брилијантна победа…
Се споменува и дека ќе го преземете раководството на Либералната партија на Андов, каде ќе ви се приклучи и дел од членството на ЛДП?
Јакимовски: Не, немам такви амбиции. Немало такви разговори или размислувања.
Размислувате ли да се вклучите во некоја партија?
Јакимовски: Засега не размислувам за такво нешто.
Кој би ја урнал ВМРО-ДПМНЕ како лидер на опозиција, без разлика дали тоа е СДСМ или некоја друга партија. Еве постои незадоволство, но народот како да нема друга опција.
Јакимовски: Народот дава власт, народот ја зема. Народот не можете да го потценувате. Ако некој знае да чита и има политички резон, Карпош многу им кажа и на власта и на опозицијата. Кажа дека никој не смее да се занесе во владеењето, туку треба да биде свесен дека таму седи за да ги решава проблемите на граѓаните, а не да изигрува егзибиционист. Никој не смее да мери до каде е издржливоста и толеранцијата на народот.Од политичките кругов природно ќе си излезе некој што ќе понуди поинаков концепт за водење на државата.
Се воздржувате од шпекулирање со имиња.
Јакимовски: Не шпекулирам со имиња. Народот е гладен за понуда – што ќе се прави понатаму со оваа држава. Дали ќе имаме држава на инаетење, лажни вредности, или држава на вистински вредности. Реално да му се каже на овој народ состојбата во која се наоѓаме. А реалноста е таа – ние сме мала држава, имаме кревка демократија, кревка етничка состојба, релативно политички нестабилна држава, имаме соседи со кои имаме проблеми, нашата економија има лоша структура и потресите во економијата во опкружувањето и во светот ќе се рефлектираат врз оваа држава. Граѓаните мораат да знаат дека треба да најдат водство со кое успешно ќе ги преброди сите овие работи. Ние не можеме да избираме раководство што ќе се инаети со соседите, ќе чепка по меѓуетничките рани, до недоглед ќе го одложува процесот на решавање на спорот со името, а ќе ни стојат евро-атлантските интеграции.
Има ли подобар избор?
Јакимовски: Кога Његош го погребале, неговата желба била моштите да му бидат на Ловќен. Го прашале зошто не на повисокиот врв, кој е веднаш до Ловќен. Тој рекол: „ќе се роди некој што ќе биде поголем од мене и ќе го заслужи тоа место“. Од политиката ќе излезат нови имиња, кои ќе дадат подобра понуда од постојната. Може да кажеме дека е дојдено време овој да оди, но не е дојдено време кој да дојде. Таква ситуација имавме во Србија, кога еден шумадински земјоделец кажа: „Дошло је време да овај оде, ал још није дошло време ко да доѓе“.
Српските поговорки и примери ги користевте отсекогаш или има влијание партијата што ја поддржа вашата кандидатура?
Јакимовски: Па, добро, зошто да не (се смее).
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.