| четврток, 6 декември 2018 |

Панчевски: Вистински професионалец не смее да ги дели предметите и осомничените лица на „сериозни и банални“

Во однос на вчерашната изјавата на портпаролот на СЈО Ленче Ристовска која беше пренесена на одредени медиуми и портали, и барањето на повеќе новинари за коментар на истата во целост ја пренесуваме изјавата на Претседателот на Кривичниот суд.

Изненадувачки се и зачудуваат изјавите и коментарите на портпаролот на СЈО наменети за работата на Кривичниот суд во Скопје. Ниеден вистински професионалец во правната фела неможе да ги дели предметите и осомничените лица на „сериозни и банални“ бидејќи законот е еднаков за сите граѓани во Република Македонија, а еднаквоста при примената треба да ја обезбедат само сериозни непристрасни и посветени институции и секој сторител на кривично дело да одговара за своите постапки пред независен суд врз основа на докази и факти, а не теории, желби и нарачки. Не разбирлива е потребата на СЈО својот досегашен “неуспех” како што истакнува портпаролот Ленче Ристевска да го правда како сериозен проблем и за нив селективен пристап и позитивна дискриминација од страна на судот.

Напротив, доколку обвинителите од СЈО сметаат дека постојат „сериозни и банални“ предмети, тогаш треба да посветат поголемо внимание на „сериозноста“ на предлозите кои ги доставуваат пред судот и само така ќе се гарантира нивната успешност макар и успешноста да ја мерат по норма колку притвори биле определени или не ако тоа е “успех” за една ваква институција составена од млади и надежни обвинители чие искуство треба уште да се докажува, надградува и унапредува и теоретски и практично, а добро е и за пофалба што овие обвинители немаат фрустрации и продолжуваат професионално и посветено да работат.

За поздравување е изјавата на портпаролот на СЈО дека работењето на судот и судиите во него не е нивна работа бидејки секој судија работи независно и непристрасно, врзоснова на докази и факти и по слободна оцена на истите, а согласно Законот тоа е така и во Република Македонија и секаде во светот бидејки судот не постои да ја оправда нивната улога и работа туку да цени и одлучува единствено почитувајки го законот. Предлозите на обвинителите поднесени пред судиите на претходна постапка го поминуваат филтерот на повеќе степеност пред да добијат правосилна одлука, па така истите ги разгледуваат и преоценуваат судии од Кривичните совети, а дел од предлозите и судии од Апелациониот суд, па затоа неразбирливо е дали ставот на портпаролот на СЈО е и став на обвинителите од СЈО дека против нивните предмети се врши „позитивна дисркимнација“ само од одредени судии или од целокупниотсудски ситем.

Дополнително мене како долгогодишен професионалец во кривичната област ме зачудува фактот што портпаролот на СЈО наведува дека во СЈО сеуште се водат предистражни постапки, иако помина долго време од нивното оформување, особено што во својата изјава наведува дека сега кога би започнале под претпоставка истраги тие како оправдување би траеле уште најмалку една ипол година што било вообичаено за нив, а наспроти ова сериозноста на постапувањето се мери преку успех дали судот определил притвор за некое лице по нивните предлози кои уште се во предистражна фаза.

Како граѓанин на Република Македонија се прашувам дали на овој начин само со оправдувања на грбот на судот оваа институција ќе ги оправда очекувањата на целокупната македонска јавност.

Неприфаќањето на одредени предлози од страна на судот, не е и неможе да биде никаква пречка во нивното работење, бидејќи од друга страна СЈО досега не покажа дека има поместување во предистражната постапка ниту за они предмети каде нивните предлози за определување мерка притвор или други мерки за претпазливост беа прифатени од страна на судот.Дотолку повеќе што ова обвинителство беше формирано како политичка волја да се испитаат сите сомнежи на криминал и особено што токму СЈО ги презеде предметите по кои редовното Јавно обвинителство беше прозивано како неефикасно и покрај тоа што се презедоа готови предмети, а нови не се отпочнаа, впечатокот е на мртва точка. Кој тогаш ги дискриминира во овие предмети ?

Како претседател на најголемиот кривичен суд ги охрабрувам обвинителите на СЈО да продолжат со својата работа и сериозно да се посветат во решавање на започнатите постапки и отпочнување на нови, бидејќи тоа го очекува и јавноста. А судиите на Кривичниот суд ги охрабрувам да продолжат да работат самостојно, независно и согласно Законите и Уставот на Р.М. и да ги штитат пред се интереисте на граѓаните и правниот поредок, без разлика од кое обвинителство е доставен предлогот и за чии интереси се однесува. Затоа и како суд ќе продолжиме редовно да ја информираме јавноста за работата на судот, навремено да одговараме на сите прашања кои се од интерес на граѓаните и сите одлуки донесени во судот за кои постои јавен интерес да ги објавуваме на веб – порталот на судот, се со цел истите да бидат оценети и од сите познавачи на правото и Законите.

Со почит, Владимир Панчевски – претседател на Основниот суд Скопје 1 во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top