Со шест нови ракометари, без младинските репрезентативци кои отуствуваат поради настапот на ЕП во Данска, Металург во Автокоманда ги почна подготовките за новата сезона. На првата прозивка на тренерот Лино Червар се појавија сите шест нови засилувања на македонскиот шампион вклучувајќи го и Стефан Дрогришки, кој официјално сѐ уште е под договор со Пелистер. Покрај Дрогришки, нови имиња во Автокоманда се српскиот гоман Дарко Арсиќ, левото крило од Хрватска, Мартин Марчец, средниот бек Немања Обрадовиќ и македонските ракометари Дарко Димитриевски и Горан Печенковски. Во првиот тим за подготовките се приклучени и неколку младинци од составот на Металург јунор.
Според програмата, Металург до 10 август ќе тренира во Автокоманда, а потоа екипата заминува на седумдневни подготовки во Маврово. Во подготвителниот период, металурзите од 17 до 20 август ќе настапат на турнирот во Струга, а од 26 до 29 август ќе играат на турнирот во Кањижа.
Во новата сезона, клубот од Автокоманда го очекува настапот во Лигата на шампионите и повторно враќање во регионалната лига СЕХА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.