| четврток, 6 декември 2018 |

Раца: Задоволен сум од сработеното, дополнително го повикав Димитријевиќ

Dragan-Raca-sport203-3

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Драган Раца, е задоволен од сработеното во досегашниот дел од подготовките на националниот тим.
Српскиот стратег сепак е свесен дека формата допрва ќе треба да се темпира преку пријателските натпревари, почнувајќи од двата дуели со Бугарија кои се на програмата претстојниот викенд.

– Целта ни беше да создадеме силен тимски дух, верувам дека успеавме во тоа. Сите работат напорно и логично е да бидам задоволно. На стартот акцент беше ставен врз физичката подготвеност, го засилуваме темпото и очекувам да продолжиме во ист стил. Презадоволен сум од начинот на кој кошаркарите се однесуваат за време на тренинзите. Уште една работа која е многу важна е приклучувањето на странскиот кошаркар кој ќе ни помогне во остварувањето на нашите цели.

Заминуваме за Бугарија, викендов ќе играме две средби, а потоа повеќе ќе работиме на тактика и на воведување на поголема креативност, како во нападот, така и во одбраната. Јас сум задоволен, она што го посакував го исполнуваме благодарение на професионалноста на кошаркарите – изјави Раца.

Добра вест за националниот тим е што од вчера на тренинзите се врати и Марко Симоновски, иако неговиот настап во претстојниот квалификациски циклус останува неизвесен.

– Ние нема лесно да се откажеме од него, Симоновски ќе почне да работи индивидуално. В петок ги очекуваме неговите резултати од последните лекарски прегледи. Тој ќе тренира, ќе работи на подобрување на својата состојба, а дури подоцна ќе видиме дали ќе може да ни помогне во овие квалификации бидејќи повредата навистина е незгодна – истакнува македонскиот селектор.

Раца донесе и одлука во репрезентацијата да го вклучи Ненад Димитријевиќ, кој е предводник на македонската репрезентација до 18 години која игра на европскиот шампионат во Скопје.

– Јас сакам сите кошаркари кои поседуваат талент и потенцијал да ја почувствуваат репрезентацијата. Затоа и го повикав Ненад Димитријевиќ по завршувањето на Евопското Првенство да се приклучи на сениорите.
Не се сомневам дека Димитријевиќ ќе одработи квалитетно и од тоа ќе профитира и самиот кошаркар – изјави кормиларот на македонскиот национален тим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top