Имајќи ги превид сите случувања што следуваа по Договорот од Пржино, заради што на неговата годишнина имаме нов договор и временски рок, колку можеме да речеме дека имаме стабилен договор?
Тодоров: Ова не е нов договор, ова е договор за имплементација на постојниот договор склучен во јуни/јули минатата година. Партиите, практично, низ процесот на преговори што го имавме во изминатиот период го усогласија начинот на кој ќе биде целосно имплементиран овој договор до одржување на изборите.
Вие денеска, овој вторник, дојдовте на интервју директно од преговорите, па дали може да се каже дека сѐ ќе се движи според новиот временски рок за да се дојде до таа лидерска средба на крајот на август и евентуалните декемвриски избори?
Тодоров: Јас се надевам. Денеска ги усогласивме текстовите на петте закони кои ќе бидат доставени до Собранието на РМ и се надевам дека до среда ќе бидат усвоени, со што ќе се трасира патот за одржување фер и демократски избори на кои сите ќе учествуваат. Нормално, претходно има една контролна точка, некаде до крајот на август, кога лидерите треба да се соберат и да потврдат дека сите услови се исполнети и да го утврдат датумот на изборите.
Уште на донесувањето на првиот закон што произлезе од договорот, измените на Изборниот законик, се појавија искри, па законот беше донесен фигуративно, во 5 до 12 , а фактички во 12 и 15. Ќе има ли повторно искри во Собранието?
Тодоров: Се надевам дека ќе нема. се надевам дека законите ќе ја добијат поддршката од пратениците. Сепак, влогот е голем, влогот е завршување на кризата во Македонија, наметната од СДСМ. И кога влогот е толку голем, сите треба да пристапиме со една голема сериозност и она што е договорено, за што сме пружиле рака, народски кажано, да се исполни и испочитува.
Од една страна, и ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ преку лидерите и преку партиските функционери го истакнуваа задоволството од Договорот, а притоа продолжува партиската борба на терен во докажување кој успеал да наметне. Вие и пред постигнување на договорот посочувавте дека владејачката партија прави отстапки за да се дојде до договор, а дека СДСМ, условно, не попушта. Што беше сопирачка и како се постигна договор, особено за избирачкиот список и за медиумите – како што велеа од СДСМ минималните услови за одржување избори?
Тодоров: СДСМ постојано вели дека сака да оди на избори и дека за да се оди на избори, треба да е исполнат само некои, еден или два, услови и притоа поставуваше услови кои се многу нелогични, кои не би требало да се прифатат или за кои претпоставуваше дека нема да бидат прифатени. Лично сметам дека СДСМ блефира дека сака да оди на избори. За блефот на СДСМ да излезе на виделина, ние ги прифативме барањата на СДСМ, колку тие и да изгледаа нелогично, особено делот за избирачкиот список. Тоа е особено нелогично, особено за овие 39.502 лица кои треба да направат активна регистрација за да потврдат дека се тука, дека се граѓани на сопствената држава. Е сега, за да биде целата работа посмешна и за да се докаже нелогичноста, на овој список гледаме и многу видни членови на СДСМ. Ја гледаме сестрата на Радмила Шекеринска, Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, Гордан Георгиев, поранешен потпретседател на СДСМ, професорката Најчевска, членови на семејството на професорката Ванковска… Значи, тоа е доказ дека за цело време немало проблем со избирачкиот список, дека имало едно алиби како СДСМ да не ги признае изборите во 2014 година на кои катастрофално загуби и да ја почне оваа криза во Македонија. Значи, ова е смислено сценарио на СДСМ како државата да се втурне во криза и преку криза СДСМ да се обиде да добие некаков политички план. Тоа е жално и трагично. Тоа го прават партии што немаат визија за развој, немаат програма, немаат политичка понуда и партија којашто не знае што да им понуди на граѓаните, којашто не ги знае потребите и очекувањата на граѓаните. Значи, внимавајте, СДСМ креира криза со цел да дојде на власт, ништо друго. Целата оваа криза креирана од СДСМ е само со една причина и идеја – да дојдат на власт по секоја цена. Затоа и го измислија барањето со избирачкиот список, а тоа е, прво, за да се обележат со ѕвездички или на посебен избирачки список 170.000 граѓани и, второ, 39.000 да направат активна регистрација. Демек со тие 39.000 или овие 170.000 ВМРО-ДПМНЕ ги добива изборите.
На почетокот беа половина милион гласачи оспорувани од СДСМ, па таа бројка се намалуваше, дојде до 200.000, колку што беше разликата на изборите во 2014 година, па се заврши со активна регистрација на 39.502 гласачи… Каде се загубија фантомите?
Тодоров: Наградно прашање е тоа. Колку фантоми има? За СДСМ е прашањето. Зборуваа за 500 илјади, па 300.000, па 350.000, па 250.000. Не знам веќе колку бројки излегоа? Како ќе се разбудеа, таква бројка кажуваа, како ќе им се сони. И од 500.000 дојдовме до 39.000 спорни, меѓу кои е и сестрата на Шекеринска, која ќе треба да докажува дека е граѓанин на сопствената држава. Трагично.
Што опфаќаат измените во законите за медиумската сфера? Се вративте од вторничката средба, закажана за медиумската сфера, а на која ги затворивте сите прашања.
Тодоров: И за медиумската сфера сакавме да излезе на виделина блефот на СДСМ. Наводно, СДСМ се бори за слобода на медиумите. Дали може да се бориш за слобода на медиуми, а во исто време да бараш одговорниот уредник на МТВ да биде поставен од политичката партија СДСМ? Едно со друго не оди, потполно е контрадикторно. Или се бориш за слобода на медиумите и реално бараш слобода во медиумите, без политичко влијание, или се бориш за политичко влијание и контрола. Со прифаќањето на тоа барање, ние покажавме пред целата македонска јавност дека СДСМ не се бори за слобода на медиумите, туку за контрола над медиумите. Со желба таа контрола да ја искористи како алатка во изборите.
Влегоа ли новите медиуми, порталите, во тој пакет, и ќе ги опфаќа ли и нив новото тело што ќе се формира?
Тодоров: Да. Тоа е влезено уште во Изборниот законик, кој е претходно усогласен, а со договорите кои сега ги имавме, само се продолжи од 60 на 100 дена периодот на примена на овие одредби.
Пред да се влезе во преговорите, СДСМ ги нагласуваше медиумите и изборниот список како предуслов. Меѓутоа, тука се криеше и замката за владеењето и партизацијата на МВР, како и опстојување „влада за спроведување избори“ и по изборите. Што според Вас, како директен учесник во преговорите, беше фокусот на СДСМ – списокот и медиумите или МВР и долготрајноста на таа влада?
Тодоров: За СДСМ сѐ беше важно, само да нема договор. Сѐ што водеше до недоговарање, беше значајно за нив. Затоа и имавме барања кои, навидум, изгледаа дека никогаш нема да ги прифатиме, на пример оваа активна регистрација на 39.000 гласачи, за слобода на медиуми преку политичко именување уредници во медиуми или едно време имаше барање за едно централно тело кое треба да ги набљудува сите медиуми, да кажува што е добро, а што не. За цело време се трудеа со вакви предлози да го блокираат процесот. На крајот, со нашето прифаќање на тие предлози дојдовме до тоа да излезе на виделина блефот на СДСМ. Тие не сакаа да одат на избори, но наша обврска е да дојдеме до избори затоа што само изборите се решение на кризата во Македонија. Само граѓаните, и никој друг, може да ја решат оваа криза.
Овие две години на протести, договори и продолжување на кризата создадоа и една група во која се наоѓаат сите што и претходно повикуваа на улична демократија, а прерасна во хулиганство. И челниците на СДСМ, заедно со вашиот партнер во преговорите, Радмила Шекеринска, се обидуваа да „се возат“ на нивната популарност за да стекнат, можеби, подобар рејтинг, па дури и со директно учество во уништувањето на објектите низ Скопје. Сега тие луѓе, според изјавите на Шекеринска, треба да се најдат на изборните листи на СДСМ. Според досегашната политика на СДСМ, дали тоа потсетува на онаа листа на анонимни пред изборите во 2014 година, избори кои не ги признаа, па и дали сега може да не бидат признаени изборите? Дали кризата ќе добие крај на тие избори или кризата повторно ќе се врати на почеток?
Тодоров: Тоа што од оваа дистанца може да се заклучи е дека Заев уште пред изборите во 2014 година знаел дека нема да ги признае изборните резултати. Тој влегол на избори со цел изборите да завршат, а тој да не ги признае. И затоа одел со постава на пратеници за коишто сметал дека не е проблем да излезат од парламентот, да не бидат таму… Дали ќе оди повторно на тој начин, сега не можам да кажам. Дали повторно ќе оди на тактиката да оди на избори и да не ги признае, сега не можам да кажам. Можам да кажам само дека ако го стори тоа, ќе предизвика катастрофална грешка со тоа што ќе сака да ја продолжи кризата во Македонија. Во Македонија, по овие избори, не треба да дозволиме ваква криза никогаш повеќе. На овие избори народот треба да стави крај на оваа криза и крај на ваков начин на функционирање во политиката. Политиката не треба да креира кризи. Политиката треба да решава проблеми. Во политиката треба да влезеш со програма и со политичка понуда, со којашто треба да помогнеш да се подобри животот на граѓаните во секоја сфера на општеството. Ако тие ја сфаќаат политиката како алатка за креирање кризи и преку кризи добивање на власта, тоа е нивна катастрофална грешка и таа нивна политика еднаш засекогаш ќе заврши. На овие избори граѓаните ќе одлучат дека кризата во Македонија завршува и ќе одлучат дека никогаш веќе не смее да се повтори една ваква ситуација.
Добивте таков впечаток на преговорите?
Тодоров: Не ми треба впечаток од преговорите, тоа е еден впечаток што го имаат голем број луѓе со кои разговараме и кои едвај чекаат избори за да одлучат граѓаните. Затоа што во оваа ситуација на постојани преговори, на разговори меѓу четири политички партии, ние на еден начин го девалвиравме демократското општество. Демократијата е нешто друго, во демократијата одлучува народот. А, народот одлучува на избори. Одземањето на правото на народот да одлучува на избори, прво на 24 април, па на 5 јуни, беше катастрофална грешка на СДСМ. Тие го направија тоа и под кој изговор? Не бил прочистен избирачкиот список! А што било чистењето на избирачкиот список, сестрата на Шекеринска, Павле Трајанов или Гордан Георгиев да се пријават дека се граѓани на оваа држава? Тоа беше еден опасен изговор што го искористи СДСМ за да ги одложи изборите и да не му дозволи на народот да одлучува. А, тоа е многу опасна игра во политиката, да му го земеш правото на народот да одлучува. На овие избори народот ќе си дојде по своето.
Договорот е поздравен и од меѓународната заедница, неговите гаранти ЕУ и САД. При кршење на тој договор, што може да очекуваме. Ова е хипотетичко прашање кое често ни се случуваат во реалноста.
Тодоров: Се надевам дека до тоа нема да дојде затоа што не верувам дека СДСМ ќе има повеќе изговор. Но, како да ви кажам, со нив секогаш сѐ е можно. Таму имате лидер што легализирал објект што не постои. Никој освен него не го гледа објектот. И сега ако имате таков лидер, претпоставувам дека сѐ е можно. Може да види проблем и таму каде што нема. Како и што било во минатото. Гледаа проблем во избирачкиот список, проблем во избирачкиот список биле сестрата на Шекеринска и неколку други пратеници и други видни членови на СДСМ. Значи, гледаат проблем таму каде што нема, не знам дали за да го видат или само да им послужи како алиби за да не се соочат со народот и да не му дозволат на народот да одлучи. Веројатно се водат од мотото дека сѐ додека народот не одлучува, тие се на сигурно, ама кога-тогаш народот ќе одлучи. Еве го, ќе дојдат изборите, народот ќе одлучи, народот ќе дојде по своето.
Сега ќе има фотографии од гласачите на избирачкиот список?
Тодоров: Тоа е предвидено во Изборниот законик уште од претходно, ставено е во законот. Се надевам дека во ДИК ќе има техничка можност за тоа да се реализира. Ние во ВМРО-ДПМНЕ го поздравуваме тоа, немаме ништо против, напротив тоа е уште една контрола. ВМРО-ДПМНЕ никогаш, барем во последните десетина години, откако јас сум во тие процеси и можам да посведочам, не се служело со измама на избори или со крадење на изборите. ВМРО-ДПМНЕ поддршката од народот ја добивала заради програмата и заради работата, заради ништо друго. Тоа е тоа што СДСМ не може да го сфати. Не сфаќаат дека пред народот се легитимираш со тоа што си го направил и со тоа што ќе ветиш дека ќе го направиш.
Не случајно Ве прашав за фотографиите. И минатите измени на Изборниот законик беа направени на барање на СДСМ, тоа беа маркерите на ноктите. Сега ќе има фотографии. Имаше ли и други екстремни барања?
Тодоров: Има ли поекстремно барање од тоа дека тој што нема „Скајп“, нема да може да гласа? И тоа барање им го прифативме. Тоа беше од оние барања што беа потполно нелогични и кога ќе ти го предложат, се прашуваш зошто би го прифатиле, но го прифаќаме за да излезе на површина блефот на СДСМ. Значи, во овој закон што е усвоен стои дека три члена на ДИК ќе можат да побараат некого да го видат преку видеоврска. И сега ако тој некој е постаро лице или некој што нема „Скајп“ или „Фејстајм“, ќе се извинат од ДИК и ќе му речат: „Извинете, бидејќи немате Скајп или Фејстајм, вие нема да можете да бидете на избирачкиот список“. Има ли логика? Нема! Но, тоа беше барање, го прифативме за да докажеме дека тоа не било причината за тоа што губат и дека било само едно добро смислено алиби за сценариото на криза кое е смислено и имплементирано од СДСМ.
Работата на СЈО нема да ја коментираме. Меѓународната заедница постојано инсистира на тоа да биде поздравена нивната работа од сите политички актери и покрај сите критики за нивната работа. Но, по сите јавни врски на СЈО со СДСМ – од однапред добиените сознанија, до условите кои ги поставуваше Заев за предавање на материјалите, нивниот број – можна ли е злоупотреба на работата на СЈО до 31 август и потоа до, повторно условно, декемвриските избори?
Тодоров: Како мислите дали може, па тоа се случува. Ние имаме конкретна ситуација. Имаме човек во домашен притвор затоа што набавувал превоз за 10 пати поевтино од Заев и 650 пати поевтино од Куманово. Значи, ние и во овој момент имаме таква злоупотреба и користење на СЈО како алатка во изборите и во изборната кампања на СДСМ. Ја користат како политичка алатка. Имавме сензационална прес-конференција на СЈО, на која градоначалникот на Битола беше обвинет дека плаќал превоз поскап од Токио. Го осудија човекот на прес-конференција. Каква пресумпција на невиност? На тоа никој не помислува. Прес-конференција како да е напишана за партиска кампања. И сега гледаме дека градоначалникот на Струмица и претседател на СДСМ плаќал неколку пати повисока цена за превоз од градоначалникот што е обвинет дека ја оштетил општината со скапа цена за превоз. За по одреден период да дознаеме дека има и друг што 650 пати поскапо плаќал. Во Битола превозот бил 4,2 денари, а во Куманово 2.400 денари по километар.
Водејќи се од правилото полошо за Македонија, подобро за СДСМ, како се истакнува од ВМРО-ДПМНЕ, се создаде една кус скептичен момент со еврообврзницата на пазарот на хартии од вредност, но тој кус момент ја чини Македонија 25 милиони евра. Како министер за здравство, колку се 25 милиони евра во здравството, колкав е тој обем, што можеше да се направи со тие пари?
Тодоров: Многу. Тоа се многу пари, со нив можеше да се реконструира болница во Куманово, Кавадарци, Битола, „8 Септември“, „Свети Наум“, „Свети Еразмо“, проектите кои ги работиме сега плус да се набави нова опрема, која доколку СДСМ не ја направи штетата во здравството, можеше многу да се направи. И не само во здравството, како поранешен министер за образование и наука, можам да кажам дека и во тој сектор, исто така, можеше да се направи многу, да се реконструираат училишта, или во Министерството за труд и социјална политика да се реконструираат градинки, да се направат нови, или да се инвестира во наука, да се направат нови лаборатории, да се направат нови спортски сали… тоа е огромна сума пари. Во секоја област може да се направи компарација, но каде и да ја правите, ќе сфатите дека СДСМ им направи сериозна штета на државата и на граѓаните.
Ми се наметна прашање поврзано со периодот кога СДСМ беше во Владата, во оној период кога требаше да се прави подготовка на изборите кои не се одржаа. Имав впечаток дека нивното присуство не беше насочено кон подготовка на изборите, туку злоупотребувано за дневнополитички цели. Колку сега во оваа нова преодна влада за подготовка на изборите, кои би требало да се случат во декември, повторно ќе се оди на таа карта, колку се остава таков простор?
Тодоров: СДСМ влезе во Владата како резултат на договорот од јуни/јули, со цел да контролира да не бидат злоупотребени институциите во изборни цели. Тоа што тие го направија е злоупотреба на институциите во изборни цели за СДСМ, во корист на СДСМ. Како поинаку би ја протолкувале масовната партиска чистка што беше направена и во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, со масовни смени. Сите тие беа направени само за да се задоволат партиските апетити на СДСМ. Како поинаку да го толкуваме унапредувањето за неколку скалила, шест или седум, на сопругот на Фросина Ременски, висок функционер на СДСМ, која станува министерка предложена од СДСМ. Нејзиниот сопруг, спротивно на сите законски процедури и правила за кариера и напредок во службата, е унапреден за неколку скалила, само заради партиска подобност. Вакви примери имавме 450. Станува збор за масовна партиска чистка направена во духот на изјавата на Заев, дека кога ќе дојдат на власт, ќе сменат сѐ – од министер до чистачка. Не дојдоа на власт, добија контролна улога и тоа го сторија. Замислете што би направиле кога би дошле на власт? Веројатно тоа ќе биде тотална партизација на општеството и на државата. А, притоа зборуваат за одвојување на партијата од државата. Какво одвојување има кога сопругот на министерката од твоите редови го унапредуваш за седум скалила или сите смени што ги правиш се врз основа само на еден критериум – партиска подобност. Веројатно им е останато од времето на комунистичката подобност, но де факто тоа е тоа.
Сега може да се очекуваат такви случаи?
Тодоров: Па, најголемиот камен на сопнување беше тоа. Ние баравме министерот за внатрешни работи да има контролна улога и да не може да ја злоупотреби позицијата за партиски чистки. Го ограничивме бројот на смени на 15 смени и 10 проценти од вкупниот број хоризонтални разместувања. Некој ќе рече дека тие се незначајни, но значајни се. Што правеа; 10-15 полицајци од една полициска станица се распоредени на друго место, а на нивно место носат 10-15 партиски подобни полицајци. Тоа не е промена на менаџерски позиции, но е исклучително значајно за можни злоупотреби на МВР во политички цели.
Имаше дискусии и за другите министерства?
Тодоров: Не, клучно беше МВР, тоа е дел од договорот што ќе се преточи во законско решение.
Да продолжиме кон вашата област – здравството. „Мој термин“ одамна е преземен систем на работа во регионот. Неодамна се сретнавте со колегите министри за здравство од централна и од источна Европа. Може ли да се направи оценка за тоа каде е македонското здравство по квалитет и по реформи?
Тодоров: За тоа каде е македонското здравство најдобро говорат показателите што ги објавуваат ЕУ и релевантните меѓународни центри за рангирање на здравствените системи. Тука е индикаторот ЕХЦИ којшто се следи во сите држави во Европа, се објавува во присуство на еврокомесарот за здравство и којшто е најрелевантно испитување и рангирање на системите. Тука Македонија стои одлично, направи скок од 11 места за само една година и сето она што го работевме беше констатирано и валоризирано од експертите на ова тело и сето она што е направено знаеја да го оценат и соодветно да ја рангираат Македонија. За мене тоа е најважен индикатор и потврда за правилната политика што ја водиме во здравството во Македонија. Ако ме прашате дали е идеално здравството, не е. Дали има многу работа во здравството и наталожени проблеми што ги мачат граѓаните, има. Никогаш не сум кажал и нема да кажам дека здравството сега е идеално и дека нема потреба од никаква промена. Има уште многу работа и во здравството никогаш не можеш да кажеш „сега е средено“. Не само во Македонија, во која било земја, секогаш има нови предизвици и нови проблеми за кои мора да се најде решение.
Горе-долу сите се соочуваат со исти или со слични проблеми. Ние еден проблем сме го решиле на еден начин, во друга земја уште не е решен, па тие ќе го преземат нашето решение, ние, пак, ќе преземеме решение за друг проблем од друга земја… Генерално, тоа е постојана борба затоа и нема една унифицирана здравствена политика ниту во ЕУ, секоја членка има различен систем на уредување на здравствениот систем.
Се легализираше маслото од марихуана за медицински цели. Иако е рано, кои се првичните резултати, има ли анализи?
Тодоров: Од аспект на реакциите на пациентите и на граѓаните, можам да кажам дека тие се позитивни, тоа е нешто што подолг период го очекувале или го барале и е реализирано. Тоа е едно наше ветување кое го дадовме и за краток период го реализиравме. Сепак, за медицинските ефекти би ги почекале извештаите од стручните лица, а тоа не може да биде направено за краток временски период за да може да се прават стручни анализи. Јас можам да говорам за тоа какво е искуството од мерката како Министерство за здравство, а тоа е позитивно затоа што беше позитивна реакцијата на граѓаните и кога се појави на пазарот, граѓаните изразија огромен интерес за ова масло.
Кон што ќе се фокусира здравството во следниот период, еве најавени се и избори, колкав ќе биде делот за здравството во новата програма?
Тодоров: Здравството е еден од клучните фокуси на ВМРО-ДПМНЕ и потоа на Владата на Македонија и за целиот овој период покажавме дека ова е еден од клучните приоритети преку постојаниот и континуиран раст на буџетот на Министерството и на ФЗОМ, со континуираните инвестиции во здравствената инфраструктура, во набавка на нова опрема, средување на системот како „Мој термин“, намалување на цените на лековите, многу системски мерки кои овозможија подобар пристап на граѓаните до здравствените услуги и поквалитетни здравствени услуги. Тука се и обуката на докторите во најреномираните светски центри и кои се со цел да овозможат воведување нови методи кои не се работеле во Македонија, но и да овозможат вмрежување на докторите, соработка со нивни колеги од странство, размена на искуства и знаења и така натаму.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Никола Тодоров е објавено во 204. број на неделникот Република, 29.07.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Никола Тодоров сведочи за настаните на 27 април
-
Почнува судењето против дедото на Тамара за обид за убиство на Никола Тодоров
-
Дали владиниот советник ќе стане новиот министер за здравство?
-
Нермин Теловска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Секоја одлука на еден ваков состав на ИК ќе води кон заедничко добро во државата